×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
proof of God
Постоењето на Бог

Дали Бог го создаде универзумот?

Како универзумот почна да постои? Научниците ја потврдуваат теоријата Биг бенг (или Големата експлозија) за почетоците на универзумот.

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Научниците веруваат дека нашиот универзум почнал да постои со една огромна експлозија на енергија и светлина, што ја нарекуваме Биг бенг. Ова е единствениот почеток на сè што постои. Почетоците на универзумот, појавата на просторот, како и првобитниот почеток на самото време.

Ништо што постои денес не постоело пред тој конкретен момент.

Освен тоа, нешто независно од времето, просторот, материјата доведе до тоа, сето ова да постои.

Сознанието дека нашиот универзум почнал да постои, а не постоел отсекогаш, нуди многу предизвици за научниците кои не се теисти.

Дали научниците се сигурни во теоријата Биг бенг? Да! Кон крајот на 20-тите од минатиот век, астрономот Едвин Хабл преку својот телескоп видел дека галаксиите (неколку милиони светлосни години раздалечени) се разминувале една од друга со неверојатна брзина. Ова не се случувало поради некоја сила која ги раздвојувала едни од други. Напротив, тие и понатаму се движеле поради исконската експлозија, и тоа сите од една точка на потекло.

Во оваа точка на потекло, целата материја во универзумот била збиена во една единствена точка на бесконечна густина... помала дури и од еден атом.1 Потоа, со космичка експлозија – Биг бенг – универзумот почнал да постои. Стивен Вајнберг, добитник на Нобелова награда за физика, понатаму објаснува: „Во една стотинка од секундата, најмалото време за кое можеме да зборуваме со сигурност, температурата во универзумот била сто илјади милиони (1011) степени центигради. Ова е многу пожешко дури и од јадрото на најжешката ѕвезда, толку многу жешко што ниту една обична материја, молекули, атоми, дури и јадрата на атомите не можеле да останат споени“.2 Тој продолжува, велејќи: „Универзумот се исполни со светлина“.

Оваа мистерија ни нуди паралела со записот: „На почетокот, Бог ги создаде небото и земјата... и рече Бог: „Нека биде светлина’ и би светлина“3. Почна да постои, не од материја, туку од збор, изговорен збор. „Нека биде светлина“.

Ако ги погледнеме светите книги на сите поголеми религии, ќе видиме дека само Библијата го опишува она што науката досега го открила: имало светлосна експлозија и нашиот универзум почнал да постои... надвор од самиот универзум. Со тоа се создал просторот, материјата и времето. Тоа било единствената почетна точка на сè. Во книгата Создавање постојано го среќаваме описот: „и рече Бог...“ проследен со, „... и би така“.

Наместо тоа, можеше ли нашиот универзум да почне да постои преку законите на физиката: како гравитацијата, електромагнетизмот, брзината на светлината, итн? Не, бидејќи сите овие нешта сè уште не постоеја. Првобитниот почеток на универзумот ги создаде законите на физиката и сè почна да постои независно од нив.

Почетоците на универзумот – единствен почеток

Астрофизичарот Роберт Јастров, кој себеси се смета за агностик, изјави: „Семето на сè што се случува во универзумот беше посадено во тој прв момент; секоја ѕвезда, секоја планета и секое живо суштество во универзумот почна да постои како резултат на настаните кои се случија во моментот на космичката експлозија. Тоа буквално беше моментот на Создавањето... Универзумот за миг почна да постои, а ние не можеме да откриеме што доведе до сето тоа да се случи“.4 Како што вели тој, овој заклучок е мачен за научниците атеисти. Да посведочиш некаква реакција, а да не можеш да ја документираш причината за истата е вознемирувачки.

Јастров заклучува: „За научниците кои живеат од својата вера во моќта на разумот, приказната завршува како ноќна мора. Надминале планини на незнаење; на прагот се да го освојат највисокиот врв; додека ја искачуваат и последната карпа, ги пречекува група теолози кои таму се со векови“.5

Замислете си какво олеснување било тоа за овие научници кога астрономите Херман Бонди, Томас Голд, и Фред Хојл го доразвиле она што било познато како теорија за „стационирана вселена“ во 1948. Нивната теорија е дека универзумот е бесконечно стар. Односно, немало потреба од создавање ниту од причина.

Почетоците на универзумот – теоријата за стационирана вселена докажана како неточна

Меѓутоа, во 1960-тите, теоријата за стационирана вселена претрпе поразителен удар кога двајца радиоастрономи во Лабораториите на Бел (Арно Пензијас и Роберт Вилсон) открија мистериозна радијација која доаѓа од вселената. Доаѓаше подеднакво од сите правци. Кога ја измериле температурата на радијацијата, го потврдиле нејзиниот извор. Оваа радијација не постоела отсекогаш ниту пак потекнува од еден дел од универзумот. Таа доаѓа од тој единствен, првобитен момент на создавање.

Подоцна, во 1996 година, сателитот на НАСА Cosmic Background Explorer (COBE), исто така, потврди дека првобитната основна радијација упатува на експлозивен почеток на универзумот. Нивото на хидроген, литиум, тежок водород и хелиум кои постојат во нашиот универзум и ден денес го потврдуваат истото.

Дали има научници кои сè уште сакаат да им противречат на импликациите на теоријата Биг бенг? Да! Постојат научници кои не можат да живеат со вакво сознание: (1) непозната причина или (2) заклучокот дека Бог е причината. Затоа, се нафаќаат на трета опција.

Други обиди да се објасни почетокот на универзумот

Кои објаснувања овие научници ги даваат за почетоците на целиот наш универзум, енергија, време и простор?

Тие едноставно се обидуваат да ја негираат основната премиса на која се темели науката: дека сè што почнало да постои мора да има своја причина.

Физичарот Виктор Стенгер вели дека универзумот можеби е „безпричински“ и „бил создаден од ништо“.6 Филозофот Бертранд Расел го присвои овој став во една дебата за постоењето на Бог. Тој вели: „Универзумот едноставно постои, и тоа е тоа“.7

Едно е да се изјавува дека нешто е вечно, и затоа нема потреба од причина. Но тотално поразлично е научно да заклучиш дека нешто почнало да постои, дека имало инстантен почеток на нешто, а потоа, да се обидуваш да потврдиш дека истото нема причина.

Дури и Давид Хјум, еден од најскептичните филозофи ја исмеа оваа теза. Бидејќи во целиот свој скептицизам, тој никогаш не го негираше постоењето на причина. Во 1754 Хјум запишал: „Никогаш не сум подржал таква апсурдна теза дека нешто може да настане без причина“.8

Почетоците на универзумот – научната потврда

Чисто научните откритија постојано укажуваат на еден единствен заклучок: универзумот имал еден почеток, експлозија, каде сè почнало да постои – универзумот, времето, просторот, научните закони кои ги следиме – сето тоа имало свој почеток. Ако некогаш сте сакале да верувате во Бог, но не сте сакале тоа да го сторите спротивставувајќи се на познатите научни факти, науката ви нуди причина да верувате дека Бог постои и на моќен начин создал сè.

Логично е да заклучиме дека Бог, Кој е од самиот почеток, е вечен и постои независно од времето, го создал времето. Бог, Кој е присутен насекаде и не може да се ограничи со просторот, го создаде просторот. Бог, Кој е духовно битие, не телесно и постои независно од материјата, е изворот на нашиот универзум и сè што постои во него. Ова е пораката која дрско се повторува низ целата Библија.

„Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта“.9

„... зашто Тој заповеда и сè создаде“.10

Библијата вели дека Бог ја создаде земјата за да биде населена, имајќи нè нас предвид од самиот почеток. Им вдахна живот на луѓето и им даде краток престој на земјата со цел да го бараме и да го најдеме. Ако не го запознаеме, сме ја промашиле комплетната цел на нашето постоење. Кој ја знае подобро од Бог причината за нашето постоење?

Дали сакаш да го познаваш Авторот на универзумот? Еве што ветува Тој: „Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас“.11 Ако сакаме да го запознаеме, Бог вели: „И ќе оставам да Ме најдете“.12 Всушност, Тој вели: „Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството. А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене…“13

Имаме можност да го запознеме Бог, Кој ги создаде почетоците на универзумот.

Дали сакаш да почнеш да градиш однос со Бог? Еве како можеш да го сториш тоа: Запознај го Бог лично.

Делови од оваа кратка научна статија, која опишува како бил создаден универзумот, се преземени од Dinesh D'Souza, What's So Great about Christianity, Regnery Publishing, Inc., 2007, Поглавје 11.

 Како да започнеш лична врска со Бог?
 Имам прашање…

Фусноти: (1) Dinesh D'Souza, What's So Great about Christianity, (Regnery Publishing, Inc; 2007) (2) Steven Weinberg; The First Three Minutes: A Modern View of the Origin of the Universe; (Basic Books, 1988); стр. 5. (3) Битие 1:1 и 3 (4) Robert Jastrow; "Message from Professor Robert Jastrow"; LeaderU.com; 2002. (5) Robert Jastrow; God and the Astronomers; (Readers Library, Inc.; 1992) (6) Victor Stenger, "Has Science Found God?" (Free Inquiry, Vol. 19. No. 1), 2004. (7) Bertrand Russell и Frederick Copleston, "The Existence of God," in John Hick, ed., The Existence of God (New York: Macmillan, 1964), стр. 175. (8) J.Y.T.Greid, red., The Letters of David Hume (Oxford: Clarendon Press, 1932), стр. 187. (9) Исаија 40 (10) Псалми 148:5 (11) Јаков 4:8 (12) Еремија 29:14 (13) Еремија 9:23,24


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More