Од Данкан Мур (Duncan Moore)
Јас сум израснат во атеистичко семејство и запознав многу христијани дури откако се запишав на факултет. Изгледаа како добри луѓе, љубезни и им завидував што имаа цврсти пријателства меѓу себе. Но сепак, мене ми изгледаа како премногу наивни, а нивното неискуство и незнаење, посебно во областа на сексуалната моралност, предизвикуваше кај мене чувство на одбивност. Но оттогаш, моето размислување се има променето од корен. Во овој текст ќе поставам прашања и ќе одговорам на тоа дали има добри причини за сериозно да се сфати поучувањето на Библијата за сексот.
Наспроти раширеното сфаќање, христијаните сепак не гледаат на сексот како на лоша работа, како на нешто што се толерира со согласност. Бог го смислил сексот и го замислил да биде добар, многу добар. Сексот не е само начин за забременување, туку тој е и за интензивно, уживателно и страствено искажување на љубов. Бог исто така ги смислил и околностите под кои треба да се има секс, а тоа е долговечен брак помеѓу еден маж и една жена. Современиот човек ја има напуштено оваа идеја и замисла. Дали и христијаните треба да се откажат од таа идеја бидејќи не е релевентна за денешново време или сепак се работи за принципи кои не познаваат временски ограничувања?
Од практична гледна точка има многу предности и придобивки ако се следат библиските принципи за сексот. Пред сè, тие принципи заштитуваат од сексуално преносливите болести. СИДАТА е чумата на 21-от век и иако кај нас не е раширена во такви размери, таа коси по светот, уништувајќи цели заедници и економиите на многу држави. Понатаму, библиските принципи за сексот заштитуваат и од несакана бременост надвор од бракот.
Ако се чуваш за до брак, ќе ја избегнеш болката и уништувањето што доаѓаат кога се споредуваат сегашните со поранешните секс партнери. Чекањето, односно апстиненцијата те чува и од болната ситуација кога едниот партнер е длабоко вљубен, а другиот е заинтересиран да доживее само оргазам.
И уште една крајна мисла е таа дека нашите сексуални пориви и желби создаваат зависност. Некој еднаш рекол дека нашите сексуални желби го имаат моторот на ферари, но кочници на расипан велосипед. Ако ги предизвикаме и потхрануваме нашите сексуални желби на неправилен начин, ќе станува сè потешко да се биде верен во брак, а дополнително оптоварување е и емотивната агонија што ја носи неверноста. Статистичките податоци за стапката на разводи ги покажува последиците од нашите сексуални вредности.
Само практичните причини би требало да бидат доволни за поткрепување на библиското поучување за сексот. Како и да е, има многу повеќе фундаментални причини зошто да се чека со сексуалните односи до брак. Бог не го смислил сексот само за да доживуваме оргазам, туку како израз на љубов и физичка интимност.
Да имаш секс со некого претставува длабоко, интензивно и значајно нешто, кое ако се злоупотреби, доведува до катастрофални последици. Има еден вистински судски случај кој добро го илустрира овој проблем. Еден човек го тужел производителот на неговата косилица за трева. Тој се повредил кога се обидел да ја поткоси живата ограда и на суд тврдел дека во упатството не велело дека косилицата не може да се користи за косење на живата ограда. На сличен начин, сексот има своја цел, но бидејќи е толку моќна работа, може да предизвика голема штета ако не се користи според упатството на создателот.
За да се разбере библискиот поглед за сексот мора да ја разбереме разликата помеѓу љубовта и похотата. Љубовта го бара и сака најдоброто за возљубениот, го почитува и го вреднува. Таа секогаш се фокусира на другиот. Таа е несебична, пожртвувана и посветена. Похотата пак, ги користи луѓето за да ги задоволи своите потреби и желби. Таа се фокусира на себеси, таа е себична и отфрла каква било посветеност (или обврска).
Љубовта и похотата се две целосно спротивни работи. Тие се во директен конфликт. Прашањето што треба да си го поставиме е дали нашите сексуални односи се израз на љубовта или похотата: „Те сакам, почитувам и сакам да ти се предадам и посветам“, или „Сакам да те искористам како средство за да го задоволам нагонот за оргазам.“ Ако Бог навистина го смислил сексот да биде израз на љубов, тогаш неговото користење за задоволување на похотата е крајно деструктивна лага.
Бракот е длабока мистерија. Соединување на двајца во едно тело. Бракот не гарантира љубов, ниту наметнува или присилува љубов, но ако се сфати сериозно како безусловна, доживотна обврска за верност, тогаш сигурно помага да се увиди разликата помеѓу љубовта и похотата. Бракот е тест за да се види дали постои посветеност и обврзување. Како знаеме дека љубиме некого доволно вистински за да имаме секс со нив? Бракот го поставува прашањето дали сме спремни да се посветиме и обврзаме за цел живот со таа личност?
Бракот дава сигурност и безбедност. Ние сме лесно кршливи и несовршени. Како може да бидеме сигурни во љубовта на партнерот кога ги знаеме сопствените недостатоци и маани? Одговорот повторно е посветеност. Ако нема посветеност, тогаш љубовта не е вистинска и искрена, а сексот се сведува само на физички оргазам, за кој, технички гледано, не се потребни двајца.
Похотата е моќна и заводлива, но е себична и спротивна на љубовта. Ако ја негуваме и потхрануваме похотата во нашите животи, ќе се чувствуваме сè поосамени, понесигурни, поизолирани и понеисполнети. Што ќе ти преостане кога оргазмите ќе здосадат и веќе нема да те задоволуваат, кога ќе бидеш оставен сам на себе да се соочиш со осаменоста и болката поради вината?
Посветената љубов е тешка и скапа (не се мисли на пари) работа. Таа бара почит, чест, проштевање и жртвување. Но сепак, тоа е излезот од осаменоста, сомнежот и очајот што како чума владеат во нашето општество. Ако ја замениме љубовта со похота сè ќе се сведе на безначајно физичко чувство, кое со тек на време ќе ја изгуби свежината што на почетокот ја имало и кое никогаш не може да задоволи повеќе од физичкото.
Божјата намера за нас е да бидеме ослободени од ропството на похотата и да станеме мажи и жени со вистинска и искрена љубов. Секој е лишен од Бог, Кој гледа со кои луѓе спиеме и ги гледа нашите скриени похотни мисли. Но сепак, Тој ни ја нуди прошката што е неопходна за да ја почнеме личната врска со Него. Љубовта што ќе ја доживееме во врската со Бог ќе се покаже и во врските и односите со луѓето. Нашиот избор е или позитивно да одговориме на Божјата понуда и да се стремиме кон живот со љубов, преку љубовта што Тој ни ја дава, или да Го отфрлиме и да си тераме по свое.
► | Како да започнеш лична врска со Бог? |
► | Имам прашање… |