Дома >> Невозможно? >> Реинкарнација, карма и живот по смртта

Реинкарнација, карма и живот по смртта

Дали може да избираш што ќе ти се случи по смртта? Дали постои реинкарнација? Дали постои живот по смртта? Дали постои карма?

Луѓето отсекогаш се прашувале што ги чека по смртта. Дали смртта е крајот на животот, влез за во вечноста или кратка пауза по која почнува нов живот на земјата? Некои поучуваат дека душата се реинкарнира во различни тела, а многу луѓе веруваат во тоа. Зошто оваа идеја за реинкарнација ги привлекува луѓето толку многу?

Реинкарнација и карма

Реинкарнацијата нуди надеж за многумина. Ако не успееме да ги средиме работите во овој живот, имаме можност тоа да го сториме идниот пат. Но дури и оние кои веруваат во реинкарнација признаваат дека не се сеќаваат на своите претходни животи. Тогаш како би можеле да се учиме од грешките од минатото ако не можеме да се сетиме на нив? Изгледа дека секогаш ги правиме истите грешки. Имајќи го на увид моралниот неуспех на човековата историја, што ни дава за право да се надеваме дека идниот пат навистина ќе успееме?

Реинкарнацијата исто така вели дека е праведна. Според законот на кармата (универзален принцип во вселената кој не се менува и не е личен) секој си го добива тоа што го заслужува во својот живот. Нашите добри и лоши дела предизвикуваат добри и лоши резултати во нашите идни животи. Според принципот на кармата, нема неправедно страдање бидејќи никој не е невин. Сето страдање што некој го доживува се должи на лошата карма. Бебето што се раѓа без нозе го заслужило тоа од претходниот живот. Исто така и жената што е силувана го заслужила тоа итн. Сите ние си ја носиме кармата во нашите животи. Нема милост, нема прошка, нема благодат. Ова сознание не само што претставува лоша вест за оние кои се оптоварени со грижа на совеста, туку кармата е во директен судир со нашето внатрешно морално чувство дека некои страдања не се заслужени и според тоа треба да се покаже милост и сожаление, како и помош за да се олесни страдањето.

Ограничувањата на реинкарнацијата

Дали реинкарнацијата навистина може да понуди надеж и чувство за правда во овој изнамачен свет? И каква утеха нуди за неизбежноста на смртта? Законот на кармата е безмилосен. А пораката на Исус Христос се разликува. Исус не одрече дека не постои неправедно страдање. Тој понуди прошка за оние кои нанесуваат страдање и утеха за оние кои страдаат.

Исус поучуваше дека никој не може да се придржува до моралниот закон. Човечкото срце е нечисто, предадено на погрешни ставови и дела, што претставува престап против апсолутно добриот и полн со љубов Бог. Исус се понуди да ни ги прости престапите како наш Спасител, плаќајќи ја казната за нив наместо нас. Исус рече дека, во зависност од тоа дали ќе ја прифатат Неговата прошка додека се живи на земјата или не, луѓето ќе ја примат или вечната награда или вечната казна (Матеј 25:31-46; Евреите 9:27). Исус кажа дека дојде во светот за „да го бара и да го спаси загубеното“ (Лука 19:10). Тој рече дека Тој не дојде за „да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!“ (Марко 10:45)

Исус ја покажа својата љубов и прошка дури и кога беше распнат на крстот. Еден крадец кој беше распнат до Исус го исповеда својот грев и Го замоли да се сети на него. Исус му одговори: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23:43). За овој човек, единствено што беше потребно за да влезе во рајот беше вера во Исус, а не исправање на лошата карма преку добра карма при секоја наредна реинкарнација. Самиот Исус кажа: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Е ова е навистина добра вест, како за овој живот, така и за тоа што следи по смртта.

За да дознаеш повеќе за поучувањата на Исус, прочитај го Евангелието по Матеј во Новиот Завет, или прочитај го Повеќе од слепа вера.


  • Прати ја страната на пријател
  • Како да започнеш лична врска со Бог?


  •  
    Ресурси
    Имаш прашање?
    Имаш прашање?
    Пиши ни.