×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Живот и врски

Oслободување од анксиозниот синдром
(пореметување во исхраната)

Многу студенти и студентки не ги разбираат причините за анксиозниот синдром, ниту како да примат Божја помош за справување со тој проблем. Ова што следи се неколку информации за овој синдром и за тоа како да се исцелиш…

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Бродвел (Susan Broadwell)
во соработка со Ким Бубало (Kim Bubalo)

Работам со студенти веќе 13 години, настапувајќи јавно во студентските домови и организации, како и во сестринствата, зборувајќи им на девојките кои боледуваат од анксиозен синдром и тежнеат кон совршен надворешен изглед. Порано и јас го имав тој синдром и беше доста сериозна ситуација, но не повеќе.

Ќе започнам со две случки за две мои пријателки:

Бренда: сите ние што бевме во сестринството ги превртувавме очите кога Бренда ќе се симнеше во дневната за да јаде крофни. Тоа се случуваше секоја недела. Претпоставувам дека си мислела дека никој не забележувал колку многу јаде или пак, дека никој не забележува како заминува од дневната за да се врати по пола саат повторно преправајќи се дека ѝ е првпат. Но сите ние знаевме дека таа јадеше крофни без престан неколку саати. Навистина сакаше крофни. Една ноќ додека чекав на ред за да одам во купатило слушнав шум од ќеса со чипс. Тогаш ми светна: Бренда се прејадуваше надвор од секаква контрола, односно ждереше1 И јас порано се борев со анорексични тенденции. Затоа знаев дека Бренда има проблем. Но не знаев што да направам и како да ѝ помогнам, па затоа не превзедов ништо. Си мислев: „Многу девојки го прават тоа, а воедно, не е моја работа да се мешам во нечиј живот.“ Освен тоа, не сакав да го расипам пријателството со Бренда. Тоа ми беше поважно од нејзиното здравје.

Џуди: беше очигледно дека Џуди слабееше. Изгледаше навистина прекрасно, но забележав дека изгледа премногу слаба, што посебно доаѓаше до израз кога носеше шорцеви. Беше коски и кожа. Ја прашав што ѝ се случува, а таа одговори дека ослабела поради стрес, но дека сега сè е во ред. Почнав да приметувам дека одеше во теретана два пати дневно по два-три саата. Секогаш учеше кога сите ние одевме да јадеме и велеше дека јадела пред нас во соба. Немаше причина ние како нејзини другарки да бидеме загрижени за нејзиното здравје, нели? И ние сме биле на диети, сме ослабеле и после пак сме ги повратиле изгубените килограми. Немавме поим дека таа всушност се убиваше себеси и дека можеше набрзо да умре.

Можеби и ти познаваш некој што се соочува со овој синдром, или пак, можеби се прашуваш дали ти го имаш тој проблем. Овој синдром е доста присутен и раширен меѓу денешната младина, вклучувајќи ги и студентите. Можеби се прашуваш од каде да најдеш помош. Ако мислиш дека имаш таков проблем, тогаш да ти кажам дека има излез и слобода од робувањето на тој синдром и постои начин да дознаеш што значи вистинска љубов и прифатеност. Ако твојата потрага по контрола врз сопствениот живот и по прифатеност од другите те довеле до такво дереџе да бидеш коски и кожа по секоја цена (било преку повраќање или нејадење), тогаш сакам да ти кажам за еден подобар начин, што ќе се обидам да го објаснам. Првин, сакам да ти помогнам да разбереш што претставува анксиозен синдром.

Првиот чекор во борбата против анксиозниот синдром: Да знаеш што е тоа анксиозен синдром

Постојат две главни категории: анорексија и булимија. Карактеристични се за жени кои се вклучени во активности од типот на балет, гимнастика, манекенство, професионални забавувачи. Но вистината е дека секој може да биде засегнат со овие проблеми.

Обично проблемот се јавува во адолесценцијата. Често се јавува при преодни, клучни моменти кога се стекнува поголема независност кај младите, како што е запишување на факултет и одвојување од семејството и преселување во друг град заради студирање, кога стресот е доста нагласен. Исто така може да настапи и при раскинување со момче или брачен другар. И кај мажите може да се јави овој синдром, посебно кај борачите и тркачите на долги патеки, но воглавном проблемот е застапен пред сè кај жените.

Помош кај анксиозниот синдром: Разбирање на анорексијата

  1. Одбивање на одржување на нормална телесна тежина - обично се работи за телесна маса што е за барем 15 проценти помала од нормалната. На пример, ако си висока 160 и тешка си 48 кг., тоа се 15 проценти помалку од нормалната тежина, која изнесува 56кг за таа висина. Но ако си слаба, не мора да значи дека се анорексична. И наследните особини играат одредена улога.

  2. Голем страв од здебелување. Скоро сите тинејџери се соочуваат со овој страв. Можно е да се јави зголемена физичка активност, па дури и хиперактивност (јас порано учев така што стоев со книгата во рака, бидејќи стоејќи трошев повеќе калории, отколку кога седев). Доста често се започнува и со суров режим на вежбање кој е доста екстремен и трае со часови по два пати дневно.

  3. Изобличен поглед за своето тело. Личноста се гледа себеси како дебела, иако таа всушност не ја достигнува ни нормалната тежина.

  4. Отсуство на барем три последователни менструални циклуси (Овој феномен се јавува и кај атлетичарките, така што не мора да значи дека се работи за анорексија).

  5. Како што анксиозниот синдром се развива, освен гладувањето, како пропратна појава се јавува и депресијата и апатијата.

Многу луѓе имаат еден или неколку од овие симптоми. Без разлика дали имаш само еден или неколку симптоми, дијагнозата е дека имаш анорексија. Конечниот критериум е да се види дали жената ќе ја поврати изгубената тежина во рок од 2 недели (под надзор на доктор).

Помош кај анксиозниот синдром: Разбирање на булимијата

Карактеристики на булимијата се:

  1. Желба да се јаде многу, над точката на заситеност (кај многу луѓе оваа желба се јавува кога држат диети или се лишуваат од одредени прехранбени производи).

  2. Недостиг на контрола при јадењето. Обично ненаситното прејадување, односно ждерење се прави во тајност. Некои дури и заспиваат во храна. Таквото тајно и ненаситно ждерење се состои од 1,000 до 60,000 калории.

  3. Личноста често пости, вежба, повраќа и употребува лаксативи (20-40 пати на ден). Проблемот кај лаксативите е што тие делуваат во долниот гастро-интестинален тракт, додека храната се апсорбира во горниот дел. Тие предизвикуваат губиток на вода и рамен стомак, но затоа се јавува отечување и запек.

  4. Големи осцилации во тежината од над 5 кг., што се должи на ждерењето и постењето. Затоа таа личност може да има нормална телесна тежина, да биде под неа или над неа во различни периоди.

Никој нема намера да повраќа секој ден како начин да ја контролира својата исхрана. Но често тоа започнува така што се прави еднаш после некоја забава. Потоа, немањето котрола при јадењето предизвикува повраќањето да зачестува сè повеќе. И така, додека да трепнеш, повраќаш по два-три пати дневно.

Анорексичната личност може до тој степен да го намали внесувањето на храна, што нејзиното тело почнува да се буни. Таа не може да ја потиснува гладта повеќе и почнува да јаде мали количини, а потоа повеќе. Набрзо потоа почнува да ждере ненаситно и, исто како и кај булимијата, почнува да повраќа.

Зошто е потребна помош за лечење на анксиозниот синдром?

Затоа што кај оние што имаат анорексија, стапката на смртност е 15-20%. Анорексијата буквално значи да се изгладнуваш до смрт, а мозот и срцето можат да се смалат (стеснат) предизвикувајќи дополнителни проблеми.

Една булимична жена може да одржува нормална телесна тежина, така што таа може да си мисли дека кај неа нема никакви опасности. Но редовното повраќање може да предизвика дизбаланс на електролитите во организмот, неправилно чукање на срцето, срцев удар, дехидратација, расипување на забите, внатрешно крварење, пукање на крвните садови и желудникот, оштетување на бубрезите итн. Познавам една девојка апсолвент која беше булимична во средно, чиј глас е трајно оштетен и рапав, токму поради булимијата.

Анорексијата и булимијата се најспорите форми на самоубиство.

Добро е да се знаат причините за анксиозниот синдром

Има многу работи кои придонесуваат кон тоа некој да се здобие со анксиозниот синдром:

  1. Нашата култура и општество ги нагласуваат надворешните физички карактеристики. Каде и да се свртиме, пораките се дека за да успееш во социјалниот, сексуалниот и професионалниот живот мора да бидеш слаба, тенка и витка.

  2. Нашите семејни односи. Кога некој од семејството ќе се здобие со анорексија или булимија, тоа е знак дека нешто е погрешно, и тоа не само со таа личност, туку и со семејството како целина. Во игра се многу варијанти. Можеби семејството придава преголемо значење и фокус на надворешниот изглед, или пак, можеби не се дозволува изразување на чувствата, посебно на лутината. Многу често, едниот или двајцата родители се премногу вмешани во животот на детето и сакаат во целост да го контролираат. Можно е да не им се дава никаква приватност на децата додека растат. Понекогаш семејната ситуација е крајно хаотична каде има алкохолизам, дрогирање и други или слични работи, што развива чувство на несигурност кај детето, па тоа се свртува кон храната како извор на утеха и заштита.

  3. Трет фактор кој влијае врз анорексијата и булимијата е поврзан со личните карактеристики. Анорексичните и булимичните луѓе се стремат кон совршенство и високи цели. Имаат силно развиено чувство за морални и етички вредности. Многу често тоа се послушни деца кои служат како пример за останатите. Тие се обидуваат да ги задоволат другите и го кријат својот гнев од себеси и останатите. Стануваат несигурни во себе, се потценуваат и имаат потреба секогаш да ја докажуваат својата способност.

Една жена вака го има опишано тоа: „Како да имав камен на срцето. Не ни бев свесна за тоа на почетокот. Се јавуваше тогаш кога ќе почнев да мислам за „нив“. Не знам кои се „тие“, но страв ми е да не ме видат таква каква што навистина сум, односно дека сум едно несигурно, плашливо дете, а не возрасен човек. Ждерам ненаситно тогаш кога се чувствувам најслабо.“

Сите ние може да кажеме дека сме се почувствувале слично. Но кај личноста која има анксиозен синдром овие чувства се далеку поизразени и позачестени. Таа се обидува да ја оддржува контролата над сè, но се плаши дека нема да успее. Таа се сомнева во својот изглед, своите способности и се чувствува како единствената работа што може да ја контролира е сопствената телесна тежина.

Мојата лична приказна за тоа кога јас го имав овој синдром и каде најдов помош:

Сега, откако ги објаснив главните работи во врска со проблематиката, на ред е да ти ја кажам и мојата лична приказна. Јас израснав во семејство кое однадвор секогаш изгледаше совршено. Имавме доста пари, голема куќа, одевме по одмори на егзотични места и изгледавме среќни и насмеани пред другите. Но одвнатре беше сосема поинаква приказна. Татко ми беше работохолик, патуваше многу и беше алкохоличар. Човек никогаш не знаеше што може да се случи во куќата кога татко ми беше дома. Иако ги имав сите материјални подобности, никогаш не добив или примив љубов од татко ми. На рана возраст научив да не му верувам и да не се надевам на него,бидејќи секогаш ме разочаруваше. „Се разбира дека ќе дојдам дома за вечера. Ветувам.“ Но тоа беа само празни ветувања, бидејќи секоја вечер си легнував без да го видам. „Се разбира дека ветувам со наредниот авион да стигнам дома на време за да ја гледам твојата претстава. Верувај ми навистина. За ништо на светот не би пропуштил како мојата мала принцеза игра во една претстава.“ И на денот на претставата, како што гледав во публиката и ги гледав лицата на многу луѓе и татковци, лицето на мојот татко не беше меѓу нив.

Имиџот и статусот беа многу важни за татко ми: како изгледаш, како се облекуваш, каква куќа имаш, каква кола возиш, колку пари имаш итн. Па така, многу рано научив дека воопшто не е важно како човек изгледа одвнатре, туку најважно е како изгледаш однадвор.

Бидејќи татко ми беше алкохоличар, никогаш не се знаеше каква ситуација може да настане дома. Не се знаеше дали ќе биде во добро расположение кога ќе се врати од работа, или ќе биде пијан; или дали сред ноќ ќе се разбудиш од неговото викање и дерење и дали ќе дојде полиција; или кога ќе се разбудиш наутро дали тој ќе биде дома или не.

Од мала посакував љубов и да се чувствувам прифатена, но никогаш не бев. Затоа се обидував да бидам добра, со одлични оценки на училиште, да бидам најдобра во сè, само за да ги слушнам неговите зборови: „Добро си направила душо. Сега морам да одам. Ќе се видиме подоцна.“

Целиот живот ми се сруши една ноќ кога ги слушнав татко ми и мајка ми како се караат. Татко ми имаше љубовница и мајка ми се закануваше со развод. Бев осамена и исплашена. Кому можев да се обратам? Кај нас правилото беше: тоа што се случува дома си останува дома. За тие работи никогаш не се зборуваше. Нели требаше да прикажуваме имиџ на совршено семејство.

И така, јас умирав пополека одвнатре. Изгледав добро однадвор, но во исто време почнав да се повлекувам во еден внатрешен и изолиран свет. Како да имав двоен живот - од една страна беше мојата надворешност за која морав да се преправам пред другите, а од друга страна беше мојот затворен свет на моите вистински чувства и мисли. Тоа беа две спротивности. Однадвор изгледав добро, прибрана, друштвена, со добри оценки итн. Но одвнатре бев исплашена, осамена, збунета и лута.

Често бев заглавена меѓу нивните караници па се криев во мојата соба и гледав телевизија, надевајќи се дека не знаат што правам. Никој не ни приметуваше дека поминував многу време во мојата соба пред телевизорот. Мајка ми едноставно се обидуваше да преживее.

Во мојата соба си создадов лажен свет кој беше безбеден. Телевизијата почна да ме контролира. Почнав да фантазирам дека сум дел од луѓето во филмовите. Посакував да бидам на нивно место и да изгледам како нив. Не го правев тоа свесно, туку едноставно се случи и мојот лажен свет се роди. Полека почнав да се повлекувам од луѓето, пријателките и сè останато. Моите оценки беа чисти петки и дома никогаш не се бунев, ниту се карав, па моите родители не ме чепкаа.

Тогаш, како гром од ведро небо, осамна најлошиот ден во мојот живот. Моите родители ни рекоа мене и на сестра ми дека ќе се разведат. Си помислив дека ќе умрам. Мајка ми ги поднесе документите за развод, а татко ми беше бесен. Тој велеше дека мајка ми ги уништила и неговиот и нашите животи, и дека повеќе никогаш нема да имаме доволно пари да јадеме и да живееме во куќа. Ќе живееме на улица и нема повеќе да одиме на училиште. Јас бев смртно преплашена. Немав никаква контрола врз случувањата.

Имав 15 години кога се случуваа тие работи и тогаш почнав да слабеам. Сите мои пријателки зборуваа за диети и вежбање, па си реков зошто да не пробам и јас, можеби и мене ми треба тоа. Но редовното вежбање ми стана опсесија и начин за да избегам од домашното секојдневие. Првин почнав да вежбам по 30 минути секој ден, потоа цел саат, па неколку саата и на крај вежбав цело време додека бев дома. Од премногу вежбање не можев да седам мирна на часовите. Постојано мислев на тоа колку калории би потрошила ако ги тресам нозете додека седам, ако на училиште одам по подолгиот пат пешки итн. Го прескокнував појадокот и почнав да слабеам. Луѓето околу мене го забележаа тоа и ми велеа: „Колку си ослабела, изгледаш одлично!“ Таквите коментари ме возвишуваа до небото! Се чувствував прекрасно. Си мислев, Можеби вака ќе станам популарна и нема повеќе да ја чувствувам оваа болка во мене. Затоа почнав да вежбам уште повеќе, го прескокнував и ручекот, а набргу потоа и вечерата. Живеев на само неколку стотина калории дневно.

Првин ослабев 2 кила, па 5, па потоа 8, па 10. Вежбав секој ден по 5-7 саата. Физичкото исцрпување веќе не беше угодно. Не можев да мислам на ништо друго, освен на тоа колку сум јадела. Колку калории внесов денес? Колку калории потрошив со вежбање? Кој изговор да го смислам за да го скокнам ручекот и вечерата денес? Не можев да престанам со таквото размислување и се чувствував сè повеќе вон контрола. Бев многу осамена, без никаква сигурност, самодоверба и контрола врз мојот живот. Тоа што започна како мала и невина работа, прерасна во опсесија која ја превзеде контролата над мојот живот. Во декември таа година имав 52 кила. До мај ослабев на 30 кила и беше чудо што воопшто бев жива. Но сепак, во себе си мислев дека сум дебела и дека морам да ослабам барем уште 2-3 кила и тогаш ќе бидам среќна, ќе си се сакам себеси и другите ќе ме сакаат исто така.

Стандарден третман при при лечење на анксиозниот синдром

Бев сместена во клиника три месеци. Бев бесна и лута. Ги мразев моите родители и докторите. Како воопшто се осмелиле да го контролираат мојот живот? Ќе им покажам јас, ќе излезам од овде; ќе бидам добро девојче; ќе го направам тоа што сакаат и ќе излезам и ќе си ја повратам контролата врз себе и пак ќе бидам тенка и витка. Нема шанси тие да ме направат дебела.

И токму тоа и го направив. Бев добро девојче, се придржував до програмата и набргу излегов. Додека бев во клиниката бев на лично и семејно советување со психолог. Од тоа научив доста работи, но не доволно за да ги решам проблемите. Психолозите не нудеа ништо вон стандардните шеми за самопомош, а тоа не беше доволно за да се ослободам од навиките и болката што ја чувствував длабоко во себе.

Значи излегов и повторно се вратив на старата шема. Анорексијата тешко се надминува и повеќето луѓе умираат или живеат на работ од смртта. Во клиниката бев заедно со уште 14 други момчиња и девојчиња. По три години јас бев единствената што останала жива, останатите умреа или од анорексија (или булимија) или извршија самоубиство.

Од каде најдов вистинска помош за надминување на анксиозниот синдром:

Во еден момент сфатив дека моите методи за решавање на проблемите не успеваат. Се сеќавам како една ноќ, кога веќе ми беше преку глава од мојот живот, извикав кон Бог. Му кажав како се чувствувам и се молев да ми помогне. Не сум сигурна зошто токму во тој момент се обратив кон Бог, но мислам дека длабоко во себе знаев дека ништо друго не би помогнало. Знаев дека не сум доволно силна за да се справувам сама со животот и дека никој не може да направи да се чувствувам љубена. Со години се мачев со овој синдром, чувствував несигурност, осаменост и дојдов до крајот на патот.

Психолозите и докторите можат да ни помогнат во телесното и емоционалното исцелување. Но тие ја занемаруваат третата димензија која е подеднакво важна, а тоа е духовната. Секој исцелен алкохоличар веднаш ќе ти каже дека психологијата е неуспешна без Бог.

Сега знам дека единствената причина поради која денес сум жива е тоа што Го запознав Богот на вселената и Неговиот Син, Исус Христос. Накратко ќе кажам како Тој ми помогна.

Откако се обратив кон Бог, работите почнаа постепено да се менуваат. И понатаму имав проблеми со исхраната и вежбањето. Но сепак, чувствував еден мир одвнатре што дотогаш никогаш го немав почувствувано. Почнав да читам Библија, да се молам и да Му кажувам на Бог како се чувствувам. Научив многу за Божјата љубов и прошка и сфатив дека Тој беше единствениот што можеше да ја исполни празнината што ја чувствував во себе. Научив дека Бог не е далечен, страшен дедо, туку дека е личен, дека е близу и дека ме љуби. Сфатив дека Тој ја има контролата и дека Тој ги раководи работите за доброто на оние што Го љубат. Не морав јас да ја имам контролата, Тој ја имаше, и јас можев едноставно да се опуштам знаејќи го тоа.

Целиот тој процес за мене траеше десет години. Беа потребни години на советување и духовен растеж за да ме спасат од длабочините на темнината и смртта и Тој (Бог) ми даде слобода и ослободување.

Бог стана мојот извор на помош за анксиозниот синдром и извор за мојот живот

Се борев со проблемите неколку години, но колку што повеќе учев за Бог и Неговата љубов и прифаќање, работите се менуваа сè повеќе, така што мојата потрага по прифаќање и љубов во храната, вежбањето и луѓето сè повеќе го менуваше својот тек кон Бог. Таквата ситуација беше иронична, бидејќи додека растев, јас Го мразев и презирав Бог. Затоа за мене беше многу радикален чекор да Му го предадам мојот живот на Бог и да Го љубам. Но донесувањето на таа одлука кога бев 17, радикално го измени мојот живот. Знам дека денес немаше да бидам жива ако немав вера во Бог.

Денес повеќе немам проблеми со овој синдром. Еден стих во Библијата вели „и вистината ќе ве ослободи“. Божјата вистина и Неговото слово ме ослободија. Тоа беше долг процес, исполнет со многу солзи и со вложен огромен труд, но сега можам да трчам и да вежбам, а тоа да не ми е опсесија како порано. Можам да јадам без да се оптеретувам со калории и сл. Знам кои работи можат да ме вратат на старите навики и како да ги препознаам и во такви моменти да отидам кај пријател, наместо да се затворам во себе и да не јадам. Постојано треба да се потсетувам дека мојата сигурност и самодоверба не се засноваат на тоа што го правам или како изгледам, туку на тоа што Бог го мисли за мене.

Сега едноставно го сакам животот! Имам многу пријатели, а тоа не се должи на мојот изглед. Се разбира дека сакам да изгледам добро и убаво, да бидам во добра форма, понекогаш дури и се споредувам со другите, но сето тоа е во рамките на нормалата. Можно е да се има слобода, радост и исполнување.

На крајот сакам да ти раскажам за една жена по име Мери Возетер (Mary Wazeter). Таа беше олимписки тркач со дијагноза на анорексија. За неа се пишуваше по спортските списанија. Беше ученичка со сите петки кога се запиша на универзитетот Џорџтаун со стипендија. Изгледаше како сè да ѝ оди подмачкано. И тогаш, една студена февруарска ноќ таа скокна од еден мост во локалната река. Таа го преживеа самоубиствениот обид, но како последица од падот, таа беше парализирана од вратот надолу и е во инвалидска количка. По тоа искуство таа го напиша следново:

„Во последните неколку месеци научив многу вистини за животот. Една од нив е дека стремежот кон совршенство и успех во животот не носат задоволство и среќа во животот. Не наоѓав задоволство и среќа во тоа што бев одличен студент, првак во трчањето во мојата категорија или во одличната фигура на моето тело. Вистинската среќа и задоволство дојдоа дури тогаш кога започнав лична врска со Бог Кој единствено успеа да ми даде внатрешен мир и радост.“

Зачудува фактот што Мери често одела на советување кај психолог за решавање на нејзините проблеми пред да го изврши обидот за самоубиство. Во своето излагање таа продолжува со следниве зборови: „Јас имав духовен проблем. Ниту еден од психолозите не успееја да ми ја предочат таа димензија. Тоа што навистина ми помогна да се исцелам беше сознанието дека Господ ме прифаќа таква каква што сум.“

Верувам, исто како и Мери, дека вистинското решение за овие проблеми, или за кој било друг проблем, е во Бог. Во мојата врска со Бог открив дека токму личната врска со Бог преку Исус Христос ми помогна да го менувам начинот на кој се гледав себеси. Тој секојдневно ме потсетува дека ме љуби, без оглед на тоа како изгледам или што ќе направам. Тој ме сака дури и кога не успевам да ги задоволам моите стандарди, а камоли Неговите.

 Како да започнеш лична врска со Бог?
 Имам прашање…

Фусноти: (1) Овде не станува збор за тоа луѓето со овој синдром немаат чувство за ситост, туку напротив, тие знаат кога се најадени, но продолжуваат да се прејадуваат не затоа што се лакоми, туку затоа што немаат контрола врз јадењето. Тоа е посилно од нив. Се работи за немање контрола, иако првичните причини за таа појава се воспоставување на контрола врз одреден аспект од животот (во овој случај исхраната) во моменти кога се губи или се нема контрола врз остатокот од животот.


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More