×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Суштински прашања

Зошто животот е толку тежок?

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Зошто луѓето се разболуваат од рак? Зошто има земјотреси кои уништуваат цели градови? Зошто луѓето мора макотрпно да работат за едвај да си го прехранат семејството?

Потсвесно сигурно многу често си ги поставуваме овие и слични прашања. Но свесно, ретко кога. Толку сме зафатени со животот што ретко ни текнува да подзастанеме и да се запрашаме ЗОШТО?

Но тогаш се случува нешто во твојот живот што те буди од таа рутина. Родителите се разведуваат, или девојката од соседството е киднапирана, или некој роднина одеднаш има рак и сл. Тоа нè буди за одредено време. Но често се правиме на „тошо“, како да не се случило. Сè додека не се случи наредната трагедија. Тогаш можеби би помислиле: Ова не е во ред. Нешто не е како што треба. Животот не треба да биде ваков. Нешто е навистина погрешно!

Значи, ЗОШТО се случуваат лоши работи? ЗОШТО овој свет не е подобар свет?

Библијата дава одговор на прашањето ЗОШТО. Но повеќето луѓе не сакаат да го слушнат тој одговор кој гласи: овој свет е таков каков што е бидејќи ние го баравме тоа.

Звучи чудно?

Кој или што можело да го направи овој свет поинаков одошто сега е? Кој или што би можел да гарантира живот без болка, за сите луѓе, за цела вечност?

Бог би можел да го гарантира тоа. Тој и би можел да го направи тоа. Но Тој не го прави тоа. Барем не засега. Поради тоа и сме Му лути и сметаме дека не е фер. Велиме: „Нема шанси Бог да ги љуби сите и да знае сè. Ако беше така, тогаш овој свет немаше да биде ваков каков што е.“

Се надеваме дека ваквиот став ќе Го натера Бог да превземе нешто. Нашата надеж е дека ако ја префрлиме вината на Бог, тоа ќе Го натера да се промени и да ги поправи работите.

Но изгледа дека тоа не Го засегнува. ЗОШТО не?

Бог не ги менува работите затоа што ни го дава тоа што го баравме: свет без Бог, свет во кој мислиме дека не ни треба и се однесуваме како да не постои.

Сите ја знаеме приказната за Адам и Ева. Тие јадеа од „забранетото овошје“. Тоа овошје ја претставуваше помислата дека тие можат да го игнорираат тоа што Бог им го рекол и им го дал и дека можат да продолжат со животот без Него. Бидејќи Адам и Ева се надеваа дека можат да станат како Бог без Негова помош. Тие мислеа дека постои нешто повеќе и повредно во животот од само Бог, нешто поважно од тоа да се има лична врска со Бог. Исходот од нивниот избор е денешниот свет во кој живееме со сите негови недостатоци.

И ние не сме многу различни од Адам и Ева, нели? Кој од нас нема кажано (дури и во себе ако не на глас): Боже, мислам дека можам без Тебе. Ќе се снајдам сам. Сепак фала за понудата.

Сите ние сме се обиделе да го живееме животот без Бог. Зошто го правиме тоа? Можеби затоа што сме поверувале во тоа дека навистина има нешто повредно и поважно во животот од самиот Бог. За разни луѓе тоа се разни работи, но во суштина се работи за една иста работа: Бог не е најважната работа во животот. Јас можам и подобро од Него.

Кој е Божјиот одговор на сето ова?

Тој го дозволува сето тоа. Многу луѓе ги чувствуваат болните последици што произлегуваат од нивните лични или одлуките на други луѓе кои се во спротивност на Божјите начини: убиство, сексуална злоупотреба, алчност, измама, лажење, прељуба, киднапирање итн. Сиве овие, како и многу повеќе работи ги прават луѓе кои одбиле да веруваат во Бог и кои не сакаат да Му се предадат Нему. Тие ги живеат своите животи онака како што мислат дека им одговара, со што се повредуваат и себеси и другите.

Кој е Божјиот став за сето ова? Тој не е вообразен надуенко. Туку напротив, Тој е милостив и сочувствителен и се надева дека ние ќе се свртиме и обратиме кон Него за да може да ни даде вистински живот. Исус рече: „Дојдете кај Мене сите што сте онемоштени и обременети, а Јас ќе ви дадам починка.“1 Но не сите сакаат да дојдат кај Него. Во врска со тоа Исус го кажа следново: „О, Ерусалиме! Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилјата, но не сакавте!“2 Исус постојано се навраќа на нашта врска со Него. „Јас Сум светлината на светот. Кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот.“3

А што е со оние моменти кога изгледа дека животот не е фер, кога во животот ни се случуваат ужасни работи предизвикани од некој друг? Кога се чувствуваме како жртви, изгледа како да нема некоја полза од тоа да знаеш дека и Бог проживеал ужасни работи од луѓето. Но Бог разбира дури и подобро од тебе низ што минуваш кога ти се случуваат такви работи.

Нема ништо поболно во животот од она што Исус го претрпе заради нас. Пријателите Го напуштија, беше исмеван од оние кои не веруваа во Него, беше тепан и измачуван, закован на крстот, изложен на јавен срам и умре со бавна смрт со задушување. Иако нè создаде, сепак ни ја даде слободата да Му Го направиме тоа, за да го исполни претскажаното и за да нè ослободи од гревот. Исус не беше изненаден од тоа што Му се случи. Тој знаеше што Му се наближува. Ги знаеше сите детаљи, сета болка што ќе ја доживее, како и понижувањето. „Кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде дванаесеттемина насамо и по пат им рече: ‚Еве, се искачуваме кон Ерусалим, а Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и закониците, кои ќе Го осудат на смрт, и ќе им Го предадат на неевреите, за да Му се ругаат, да Го камшикуваат и да Го распнат. Но на третиот ден ќе воскресне.'“4

Замисли си ти да знаеш дека на тебе ќе ти се случи такво нешто. Исус знае што е тоа емоционална и психолошка агонија. Ноќта пред да биде уапсен, Тој се повлече за да се моли и поведе неколкумина од учениците со Него. „Ги поведе со себе Петар и двајцата Зебедееви синови, Го обзеде тага и се вознемири. Тогаш им рече: ‚Мојата душа е длабоко натажена, до смрт; останете тука и бдејте со Мене!' И отиде малку потаму и падна ничкум и се помоли, велејќи: ‚Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша, но не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти!'“5 Иако Исус им се довери на своите тројца пријатели, тие не ја сфатија длабочината на Неговата душевна агонија, така што кога Тој се врати откако се молеше ги најде како спијат. Исус знае што значи сам да минуваш низ болни и измачувачки моменти.

Апостолот Јован во своето Евангелие го дава следниов запис за Исус: „Тој беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија, им даде право да станат Божји деца - на оние кои веруваат во Неговото име.“6 „Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да биде спасен преку Него. Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“7

Овој свет е полн со болка и страдање на секој чекор. Голем дел од тоа страдање произлегува од нашите себични активности едни против други. За одредени работи пак, нема да добиеме објаснување во овој живот. Но како и да е, Бог ни се нуди Себеси. Бог ни кажува дека и Тој доживеал болка и страдање и дека ги знае нашите страдања и потреби. На Своите ученици Исус им рече: „Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши.“8 Има повеќе од доволно причини за да бидеме исплашени и загрижени во овој свет, но Бог може да ни го даде Неговиот мир, кој е поголем од кој било проблем што може да ни се испречи. На крајот на краиштата, Тој е Бог Создателот. Оној Кој отсекогаш постоел.

И покрај Неговата неизмерна моќ, Тој се грижи за нас и ги знае сите детаљи за нас, колку и да изгледаат безначајни. И ако Му ги довериме нашите животи Нему, Тој ќе ни ја дава потребната подршка и сигурност за пребродување на проблемите. Исус рече: „Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот имате неволи, но бидете храбри - Јас го победив светот.“9 Тој ја искуси нашата најголема закана - смртта - и ја победи. Оттука, Тој може да нè изведе низ тешкотиите и проблемите на овој живот и да нè воведе во вечен живот само ако ја положиме нашата доверба во Него.

Овој живот на земјата може да го поминеме со или без Бог. Исус вака се молеше: „Праведен Татко, иако светот не Те позна, Јас Те познавав, а овие спознаа дека Ти Ме прати. Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме засака, да биде во нив и Јас во нив.“10

За да дознаеш како да започнеш врска со Бог, разгледај го линкот Поврзи се.

 Како да започнеш лична врска со Бог?
 Имам прашање…

Фусноти: (1) Матеј 11:28. (2) Матеј 23:37. (3) Јован 8:12. (4) Матеј 20:17-19. (5) Матеј 26:37-39. (6) Јован 1:10-12. (7) Јован 3:17,16. (8) Јован 14:27. (9) Јован 16:33. (10) Јован 17:25,26.


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More