×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Постоењето на Бог

Како еден атеист го пронајде Бог

Животна приказна од еден атеист кој беше убеден дека Бог не постои, и кои факти го доведоа до Бог.

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Од Мерилин Адамсон

Религиозните луѓе, се чини, се фрустрираа од моето прашање: „Како знаеш дека Бог постои?“

Можеби се прашуваа од кои причини им го поставувам ова прашање. Или пак, не знаеја како да ми одговорат. Најголем дел од нив велеа: „Па, едноставно знам“.

Немав намера да бидам тешка личност. Но, јас со сигурност можев да кажам, „едноставно не знаев“. И се надевав дека ќе најдам некој што знае!

После многу месеци, си помислив „еве луѓе кои велат дека веруваат во Бог, но никој не знае зошто!“ Тоа е како да ја дознаеш вистината за Дедо Мраз. Се чинеше дека Бог очигледно е измислен лик. Можеби некои луѓе мораат да веруваат во Бог, но очигледно неговото постоење не може да се докаже. Не постои објективна индикација за тоа. Затоа, јас дојдов до апсолутен заклучок… Бог всушност не постои.

Ова го верував со години и не очекував да го сменам ваквото верување. Но, сретнав една личност која ме поттикна да се заинтересирам за можноста Бог да постои. Таа беше полна со љубов, мила и многу интелигентна. Ми пречеше тоа што некој толку интелигентен може да верува во Бог.

Зборуваше за Бог како да беше нејзин најдобар пријател. Беше убедена дека Тој ја сака. Знаев каков живот живее. За секој проблем доаѓаше пред Бог, му веруваше дека Тој ќе го реши или ќе се погрижи за неа на некаков начин. Ќе дојдеше и ќе ми кажеше, многу отворено, дека само се молела Бог да делува во врска со нејзиниот проблем. Повеќе од година, редовно гледав дека она што се случуваше беше одговор на нејзините молитви. Го набљудував нејзиниот живот низ најразлични ситуации и нејзината вера во Бог беше непоколеблива.

Па, од една страна сакав да верувам во Бог, зашто ѝ се восхитував како го живее животот и колку љубов има кон другите луѓе. Но, не можев да верувам во нешто што се противеше на мојот интелект, или на моето расудување. Бог не постоеше. Фина идеја, но беше само тоа, идеја. Само затоа што сакам тоа да биде вистина, не значи и дека е вистина.

Во текот на овој период почнав да развивам своја лична филозофија.

Се обидов нешто што мислам дека многумина не би го сториле. Секои две недели проучував еден филозоф и неговиот живот… Ниче, Хјум, Достоевски, Сартр, Платон, итн, а потоа се обидував нивниот живот да го применувам врз мојот. Барав совршена, делотворна филозофија за својот живот. Но, постојано согледував или дека нивните филозофии не се целосни или дека се крајно непрактични за да се применуваат. Но, продолжував да истражувам.

Ја предизвикував мојата пријателка со секакво прашање за Бог на кое можев да се сетам. Се фаќав себеси како запишувам прашања до доцна навечер. Тоа траеше повеќе од една година. Еден ден ми даде една книга1 која накратко ги одговараше прашањата како: дали Бог постои, дали Исус е Бог, што е со Библијата? Нудеше факти и немаше коментари од типот „мора да верувате“.

Согледав некои докази за Бог кои изгледаа доста логични. Особено убедливо за мене беа хемиските својства на водата и поставеноста на Земјата во однос на Сонцето. Сето тоа беше совршено замислено и составено. Моето уверување дека „ништо нема зад тоа“ беше сè послабо во однос на можноста дека Бог постои. Имав сè помалку причини да бидам уверена во тоа „ништо“, а сè повеќе да сфатам дека Бог можеби постои.

Потоа, се соочив со една ситуација која целосно ја предизвика мојата моментална филозофија за животот. Нештата врз кои ја темелев мојата вера се покажаа тотално недоволни. Се шокирав кога сфатив дека воопшто не знам како да му пристапам на животот целосно доверливо. Сепак, ситуацијата се реши и јас си продолжив со животот. Имам цврст карактер. Никогаш, во текот на мојот живот, не сум се чувствувала навистина „во потреба“. Немав поголеми кризи. Немав големи падови ниту борби. И секако, за ништо не чувствував вина.

Но концептот за Бог едноставно не можев да го тргнам од глава… дали навистина е тука? Дали навистина постои? Можеби постои Бог…

Една вечер, повторно разговарав со мојата пријателка, и таа знаеше дека знам сè што треба да знам. Знаеше дека немам повеќе прашања во врска со оваа тема. А сепак се обидував да дебатирам со неа. Одеднаш, таа се сврте кон мене и ми рече: „Знаеш, јас не можам да донесам одлука место тебе, а Бог нема да чека вечно“.

Веднаш знаев дека е во право. Си играв со многу сериозна одлука. Се вратив дома и решив дека ќе донесам одлука. Или ќе го замолам Бог да дојде во мојот живот или ќе ставам крај на оваа тема еднаш засекогаш и никогаш повторно нема да размислувам за можноста дали Бог постои. Се преморив размислувајќи за оваа одлука. Се преморив размислувајќи на оваа тема.

Така, следните неколку саати поминав низ сè што сум прочитала или дознала дотогаш. Преиспитав уште еднаш сè.

Дојдов до заклучок дека доказот за постоењето на Бог е толку уверлив што е пологично да верувам во неговото постоење отколку да не верувам. Потоа, морав да преземам нешто во врска со тој заклучок.

Знаев дека само интелектуално да потврдам дека Бог постои воопшто не беше доволно. Исто како да потврдам дека…авионите постојат. Верата дека авионите постојат не значи ништо. Но, ако треба да отидеш некаде и тоа можеш да го сториш само со авион, мора да одлучиш да преземеш чекор и да се качиш во авион.

Морав да донесам одлука да разговарам со Бог. Морав да го замолам да дојде во мојот живот.

Размислувајќи така неколку часа, конечно му се обратив на Бог: „Добро, Ти победи. Те молам, дојди во мојот живот, и тоа можеш да го сториш како што Ти сакаш“. (Ми се чинеше логично, ако Бог постои, Тој има секакво право да делува на и да го насочува мојот живот, така како што Тој сака).

Легнав да спијам и следниот ден, кога се разбудив ,се прашував дали Бог сè уште е тука. Искрено, на некој начин „чувствував“ дека е тука. Но едно нешто знаев со сигурност. Веднаш добив огромна желба да го запознам уште повеќе овој Бог во Кого сега верував.

Сакав да ја читам Библијата. Кога почнав да го правам тоа, се чинеше како Бог да зборува, Кој е и како го замислува мојот однос со Него. Тоа беше неверојатно. Она што ме изненади е колку често зборуваше за Својата љубов. Не го очекував тоа. Во себе, јас само прифатив дека Бог постои. Но, немав никакви очекувања од Него. Додека ја читав Библијата, Тој почна мене да ми ја пренесува Својата љубов. Тоа ме изненади.

Јас и понатаму бев скептична. Првите месеци и година, се прашував себеси, дали навистина верувам во Бог?! И, зошто верувам? И методски поминував низ петте објективни причини, зошто верувам дека Бог постои. Па, мојата „вера“ во Бог не се темелеше на чувства, туку на факти, на причини.

За мене, тоа се како темели на една зграда. Фактите, причините ја поткрепуваат мојата вера. Тоа е како да се возите по мостот Голден Гејт. Може да се чувствувате како сакате во врска со мостот, но конструкцијата, дизајнот, материјалите од кои е направен мостот се тие што безбедно ќе ве префрлат до другата страна. На ист начин, објективната реалност за Бог—логичните, историските, научните причини да верувам во Неговото постоење е она што мене ми е важно. Се чини дека на некои луѓе тоа не им е потребно. Но, јас не сакам да бидам во заблуда ниту пак да живеам со фантазирање. Поткрепувачките причини за постоењето на Бог е она што мене ми е важно.

Моето искуство, втор дел – понатамошни докази за Бог.

Оттогаш, после години и години, сега кога сум христијанин ---- зошто сега верувам во Бог? Кои причини ги имам сега за да продолжам да верувам во Бог?

Не сум сигурна дека овие нешта што ќе ви ги кажам ќе ви се чинат за верување. Но, нема да мислам на тоа и ќе бидам отворена со вас. Претходно се прашував дали Бог постои. Откако почнав да градам однос со Бог согледував дополнителни докази дека Бог е реален. Како на пример…

1. Кога имам прашања, проблеми, или сакам да имам подобар увид во нешто, Бог ми зборува преку Библијата. Она што ми го покажува секогаш совршено се поклопува со моите прашања, дури и подобро од тоа, ми дава уште подетален одговор од тоа што сум го очекувала. Ќе споделам еден пример за тоа.

Еден ден, мојот распоред, роковите и обврските ми тежеа и ме приклештуваа. Познато ви е чувството да бидете преплавени со обврски и да не знаете од каде да почнете да ги средувате?

Зедов лист хартија и пенкало, и го замолив Бог: „Само кажи ми што сакаш прво да почнам да работам, и ќе почнам со тоа“. Целосно бев подготвена, 100% да ја прифатам одговорноста, само го молев Бог, Тој да ми ги постави приоритетите, да ми каже како да им пристапам, и јас ќе го сторам тоа.

Ја отворив Библијата и веднаш почнав да читам од цитатот, кога Исус разговара со еден слеп човек. Исус го прашува: „Што сакаш да сторам за тебе?“

Повторно го прочитав тоа. Исус го прашува: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Наместо да се восхитувам, јас го зедов пенкалото и почнав да му пишувам тотално нова листа на Бог. Дознав, дека ова е карактеристично за Бог. Да нè потсети дека Тој е тука. Дека се грижи и дека може да го реши проблемот.

Го одбрав овој пример бидејќи е краток. Но можам да набројам безброј други примери каде го прашувам Бог нешто, а Тој на совршен и темелен начин ми одговара. Веројатно Неговите особини се оние што најмногу ги ценам и вреднувам – дека сака да одговара на моите прашања.

Ова не го дознав од други христијани. Туку така функционира мојот однос со Него. Јас му поставувам прашање, со став дека му давам целосна слобода да ми го каже она што Тој сака да ми го каже… да го поправи моето размислување, да посочи на некоја област од мојот живот која треба да се промени, да ми покаже за кои нешта не Му верувам, што и да е. И Тој секогаш ми одговара со милост.

2. На сличен начин, кога ми треба насока за некоја одлука, Тој ми ја дава. Јас верувам дека Бог се грижи за моите одлуки. Верувам дека има план за нашите животи, дека му е важно за кого ќе се омажам, каква работа ќе најдам, дури и за некои одлуки помалку важни од овие. Не верувам дека се грижи за тоа каква паста за заби користам или за други банални работи. Но, за одлуките кои влијаат врз мојот живот или за она што Тој сака да го постигнам во мојот живот… мислам дека се грижи многу.

Кога Бог ми дал јасна насока?

Еднаш, требаше да одлучам дали ќе одам на Блискиот Исток. Беше ризично, и јас сакав да одам само ако Бог го сака тоа од мене. Ми беше важно да знам што Тој сака од мене.

Во два различни наврати го прашав Бог за работа. И двата пати Тој ме водеше на многу јасен начин, така што ако некој отстрана гледаше ќе го сфатеше тоа. Ќе се обидам да ви дадам мал пример за ова.

Во текот на последната година на факултет, одлучив да работам во една христијанска организација по дипломирањето, а таа работа бараше од мене да се преселам во Калифорнија.

Беше Божиќ и отидов да ги посетам моите родители. Една вечер, бев сама и размислував на многу пријатели. Размислував кого можам да го прашам да ми биде цимер во Калифорнија. Се сетив на една личност која се викаше Кристи, која веќе имаше дипломирано и која веќе имаше работа во Ајова. Мислев дека ќе биде совршена цимерка, но со месеци ја немав видено. По 30-тина минути Кристи ми се јави на телефон, кај моите дома.

Прво нешто што ми кажа беше: „Слушнав дека ќе почнеш да работиш во една христијанска организација“. Се стаписав бидејќи имав кажано за ова само на една пријателка во Охајо.

Следно што ми кажа беше: „Имам секакви садови“. Јас реков: „ШТО?!“ Таа се селеше во истиот град во Калифорнија и ми се јави да ме праша дали сакам да ѝ бидам цимерка.

Сфаќате што сакам да кажам?!

Можеби си велите, зошто е толку битно да бараш помош од Бог за ваква одлука? Знаев дека моите родители ќе се противат на оваа моја работа. Си помислив дека можам да го нарушам мојот однос со нив поради ова засекогаш. Така што, не беше едноставна одлука. Го молев Бог да ме води кон она што Тој го сакаше. И Тој го стори тоа. Има уште десетина случки поврзани со оваа работа, кои Тој ми ги покажа на толку јасен начин како овој.

Други причини, сè уште да му верувам на Бог…

3. Во однос на објаснувањата за животот—зошто сме се родиле, која е целта, што е важно за нашиот живот, што да вреднуваме, по што да копнееме—Бог има подобри одговори од сè што досега сум прочитала. Проучував многу филозофии и религии и пристапи на животот. Она што го читам во Библијата, она што го согледувам од Божја перспектива, секое делче се вклопува во сложувалката.

Има уште многу работи кои ќе ги прочитам во Библијата и кога ја затворам велам: „Не сфаќам“. Не сакам да кажам дека целосно разбирам сè што пишува во Библијата. Напротив, сакам да кажам дека животот има смисла само од перспектива на она што Бог го открива. Исто како да читаме прирачник за животот на земјата, само што не сме оставени само на тоа да го следиме тој прирачник. Авторот на прирачникот ни објаснува како сето тоа функционира, а потоа ни нуди лично и секојдневно да нè води низ него.

4. Близината со Бог е подлабока од близината со секое друго човечко битие. Ова го велам мажена и со две деца и еден куп блиски пријатели. Неговата љубов е совршена. Тој е неверојатно милостив. Тој доаѓа токму таму каде што сум, и како што реков, ми зборува. Делува на начин кој ме остава без зборови, мене како набљудувач. Тој не е верување ниту доктрина. Јас гледам како Тој делува во мојот живот.

5. Тој стори многу повеќе со мојот живот отколку што јас ќе сторев самата. Ова не е изјава на инфериорност или недостаток на самодоверба. Зборувам во контекст на достигнувања кои се многу поголеми од она што јас можев да си го замислам. Ми нуди идеи, насоки, решенија, мудрост, и подобри мотиви отколку ако самата се поттикнував.

Има уште многу да ви кажувам, но засега ова е доволно. Не знам дали сето ова ви е верно, но бев искрена со вас така како што знам да бидам.

Ако сакате да дознаете за некои од доказите кои ме поттикнаа од моето атеистичко искуство да почнам да верувам во Бог, прочитајте ги следниве две статии:
      Дали постои Бог?
      Повеќе од слепа вера

Краен заклучок

Кога размислувам колку е вредно да се познава Бог, ова го сфаќам: „можеме подобро да го разбереме животот, можеме да живееме со бистрина, можеме да избегнеме падови, Бог може да нè води, да ја познаваме вистината, да ни дава сила, надеж, мир и да уживаме во најважниот однос, со Оној Кој ќе продолжи да ни биде верен и постојано да нè сака. Бог кој нè создаде, ни го нуди ова и ништо друго не може да ни го понуди истото на ваков начин. За да продолжиме низ животот со успех и доверба, мора да се поврземе со Него, и да се потпреме на Него. Додека не го спознаеме Него, секогаш ќе бидеме во потрага, секогаш ќе испитуваме нови можности, и секогаш ќе согледуваме дека не се доволни. Но кога ќе ја прифатиме Божјата понуда да градиме однос со Него, ќе бидеме задоволни и комплетни. Така ќе бидеме опремени да го живееме животот со план и со Некој Кој може да нè води низ него“.

 Како да започнеш лична врска со Бог?
 Имам прашање…

Фусноти: (1) Paul E. Little, Know Why You Believe, IVP Books


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More