×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Постоењето на Бог

Дали постои Бог?

Дали постои Бог? Дали има некаков доказ за Неговото постоење? Следниов текст нуди искрени и отворени причини зошто да се верува во Бог…

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Од Мерилин Адамсон (Marilyn Adamson)

Зарем не би сакал барем еднаш некој да ти докаже дека Бог постои? Без залажување и без изјави како: „Едноставно мора да веруваш.“ Е па ова што следи е обид отворено да се наведат причините кои укажуваат на тоа дека Бог постои.

Но првин размисли за следново. Ако човек се противи дури и на помислата дека Бог постои, тогаш каков било доказ не би можел да го разубеди во спротивното. Тоа е како некој што одлучил да не верува дека човекот бил на месечината и покрај несоборливите докази што ќе му се предочат. Разните слики од астронаутите кои биле на месечината, интервјуата со нив, собраните примероци камења... сите тие докази би биле безвредни затоа што тој човек однапрад одлучил дека човек не може да отиде на месечината.

Кога станува збор за можноста дека Бог постои, Библијата вели дека доста луѓе виделе доволно докази, но сепак одлучиле да не веруваат во Бог.1 Од друга страна пак, за оние кои сакаат да Го запознаат Бог доколку навистина постои, Тој вели: „Ќе ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце и ќе оставам да Ме најдете.“2 Пред да ги разгледаш фактите за постоењето на Бог, првин запрашај се следново: Ако Бог навистина постои, дали јас би сакал да Го запознаам? Еве некои причини за кои вреди да размислиш...

1. Дали Бог постои? Низ историјата, во сите култури во светот, луѓето биле убедени дека има Бог.

Милијарди луѓе кои доаѓаат од различна социолошка, интелектуална, емоционална и образовна позадина и средина, веруваат дека постои Создател, Бог кого треба да Го обожаваат. Но тоа што толку многу луѓе веруваат во нешто не значи дека е вистинито. Но кога толку многу луѓе со векови се лично убедени дека Бог постои, дали може да кажеш со стопроцентна сигурност дека сите тие биле/се во заблуда?

„Антрополошките истражувања покажале дека дури и во најизолираните и најпримитивните племиња денес, постои општо прифатено верување во Бог. Исто така и во најраната историја и во разните усно пренесени легенди од разни народи низ светот, се гледа дека првичниот концепт секогаш бил Бог, Кој бил и создателот. Дури и во денешните политеистички општества изгледа дека порано тие обожувале еден Бог.“3

2. Дали Бог постои? Нашата планета е толку сложен систем што неизбежно укажува на тоа дека постои Создател кој не само што ја создал целата вселена со намера, туку и ја одржува.

Можат да се наведат безбројни примери кои укажуваат на тоа дека Бог го создал овој свет со план, но ќе наведеме само неколку:

Земјата... нејзината големина е совршена. Големината на земјата и нејзината гравитација се така ускладени што одржуваат тенка обвивка од водород и кислород до 80 километри над површината. Доколку земјата беше помала, ќе ја доживееше судбината на Меркур. Ако беше поголема, во атмосферата ќе имаше слободен (неврзан) водород, како што е случајот со Јупитер.4 Земјата е единствената позната планета која има атмосфера со таков состав на гасовите што е доволен за одржување на растителниот, животинскиот и човечкиот живот.

Земјата е поставена на вистинската оддалеченост од сонцето. Температурните разлики кај нас се од -35 до +50 степени. Ако земјата беше малку поодалечена од сонцето, тогаш сите ние ќе се смрзневме. Ако бевме поблиску, ќе изгоревме. Дури и најмала промена на земјината местоположба во однос на сонцето би го оневозможил животот на земјата. Земјата ја одржува оваа совршена оддалеченост од сонцето кружејќи околу него со брзина од околу 108 000 км/ч. Таа исто така ротира околу својата оска, овозможувајќи целата нејзина површина соодветно да се лади и загрева.

И нашата месечина ја има совршената големина и се наоѓа на совршена оддалеченост од земјата за да изврши токму онолку гравитационо влијание врз земјата колку што е потребно. Месечината ги предизвикува плимата и осеката на океаните и морињата со цел водата да не стагнира и во исто време спречува истите да се прелеат на копното.5

Водата... безбојна, без мирис и вкус, а сепак ниту едно живо суштество не може да преживее без неа. Растенијата, животните и човечките суштества се состојат пред сè од вода (две третини од човечкото тело е вода). Сега ќе видиме зошто карактеристиките на водата се толку уникатно подобни за одржување на животот:

Има невообичаено висока точка на вриење и замрзнување. Водата ни овозможува да живееме во средина со флуктуирачки температурни промени, одржувајќи ја температурата на нашите тела на постојани 37 степени.

Водата е универзален раствор. Оваа карактеристика на водата значи дека илјадници хемикалии, минерали и хранливи материи можат да бидат пренесени низ нашите тела до најмалите крвни садови.6

Исто така, водата е хемиски неактивна (инертна) супстанца и не се врзува со другите материи. Без да влијае на содржината на материите што ги пренесува, водата овозможува храната, минералите и лековите да бидат апсорбирани и искористени од нашите тела.

Водата има уште една уникатна карактеристика на спроводливост, која и овозможува да се движи нагоре во стеблата на растенијата и највисоките дрвја, наспроти гравитационата тежа.

Водата замрзнува од порвшината па надолу и така замрзнатиот дел плута над водата, за рибите да можат да ја преживеат зимата.

Деведесет и седум проценти од сета вода на земјата се наоѓа во океаните. На нашата земја има еден посебно дизајниран систем кој ја отстранува солта од водата која потоа се дистрибуира по светот. Водата испарува од океаните, оставајќи ја притоа солта, формира облаци кои ветрот лесно ги движи над копното и се истура во вид на дожд, обезбедувајќи свежа вода за сиот жив свет. Тоа е систем на прочистување и снабдување кој го одржува животот на оваа планета; тоа е систем на рециклирање на водата.7

Човечкиот мозок... процесира огромно количество на информации во единица време. Мозокот ги регистрира сите бои што ги гледаш, температурата, притисокот на твоите нозе врз подот, звуците околу тебе, влажноста на воздухот, сето тоа што го допираш, разните емотивни реакции, мисли и спомени итн. Во исто време мозокот води сметка и за сите телесни функции како дишењето, движењето на очните капаци, гладта и придвижувањето на мускулите на телото за сите движења што ги правиш.

Човечиот мозок процесира повеќе од милион пораки во една секунда.8 Твојот мозок ја одмерува важноста на сите примени податоци, селектирајќи ги важните и отфрлајќи ги релативно неважните. Оваа селективна функција на мозокот ти овозможува да се фокусираш на важното и успешно да функционираш во светот. Мозок што се справува со повеќе од милион информации во секунда, а згора на тоа ја оценува и нивната важност за да ти овозможи да дејствуваш во однос на најважната информација... дали навистина може да кажеме дека ваков орган е создаден по случајност?

Кога НАСА ги лансира своите шатл мисии, се подразбира дека интелигентно и разумно суштество го осмислило целиот план, а не мајмун. Како да го објасниме постоењето на човечкиот мозок? Само битие што е поинтелигентно и со повеќе знаење од човекот можело да го создаде човечкиот мозок.

3. Дали Бог постои? Да се каже дека светот настанал по случајност не е соодветен одговор за да се објасни целото создание.

Да ја земеме за пример планината Рашмор во САД. Сигурно си ја видел на некој филм. На неа се извајани ликовите на Вашингтон, Џеферсон, Линколн и Теодор Рузвелт. Гледајќи ги извајаните ликови, дали би помислил дека тие случајно биле оформени од мајката природа? Тешко човек да поверува дека тоа настанало случајно како резултат на ветер, ерозија и дожд. Здравиот разум ни вели дека интелигентни битија ги испланирале и вешто ги извајале тие ликови.

Овој текст допира само неколку неверојатни аспекти на нашиот свет: земјината местоположба во однос на сонцето, некои карактеристики на водата, еден орган од човечкото тело. Дали некоја од овие наведени работи можела да настане случајно?

Познатиот астроном Сер Фредерик Хојл покажал од математичка гледна точка колку е апсурдно аминокиселините спонтано да се спојат за да создадат клетка. Сер Хојл ја илустрирал слабата страна на „случајноста“ со следнава аналогија: „Кои се шансите едно торнадо да помине низ еден отпад кој би ги имал сите делови од боинг 747, случајно да ги состави сите делови на вистинското место и авионот да биде подготвен за полетување? Веројатноста тоа да се случи е толку мала до ништожна, дури и кога би било можно торнадо да помине онолку отпади колку што се потребни за да се исполни сета вселена!“9

Кога човек ќе ги земе предвид сите детаљи за животот и вселената, разумно е да се помисли дека еден интелигентен Создател, исполнет со љубов, обезбедил сè што ни е потребно за живот. Библијата вели дека Бог е создателот и одржувачот на животот.

4. Дали Бог постои? Човечкото внатрешно чувство за добро и лошо (правилно и погрешно) не може да се објасни од биолошки аспект.

Во сите нас, без разлика на културата на која припаѓаме, постои едно универзално чувство за тоа што е добро, а што лошо. Дури и крадец ќе почувствува дека му е згрешено кога некој ќе украде од него. Чинот на грабнување и силување на дете се осудува како зол и се јавуваат чувства на бес и гнев за тоа дело, без оглед на културата. Од каде се имаме здобиено со тоа чувство дека некои работи се лоши? Како може да го објасниме тој општ закон во свеста кај сите луѓе кој вели дека убиството е лошо дело?

Од каде се јавиле и чувствата на сомилост, љубов, чест, должност, храброст, умирање за добра цел? Ако луѓето се обичен производ на еволуцијата и преживување на најдобрите и најиздржливите, тогаш зошто се жртвуваме едни за други? Зошто си ги даваме животите и сме спремни да ги положиме своите животи за најблиските? Од каде е во нас тоа чувство дека некои работи се правилни, а некои погрешни? Тоа најдобро може да се објасни со Бог кој се грижи за хармонијата меѓу луѓето и одлуките што луѓето ги носат.

5. Дали Бог постои? Бог не само што се откри преку работите што можат да се видат во природата и човекот, туку уште повеќе во самата Библија.

Божјите мисли, Неговиот карактер и Неговите ставови може да ги дознаеме само ако Бог одлучи да ни ги открие. Доколку Тој не би го сторил тоа, тогаш сè што човекот би кажал за Бог, би било чиста шпекулација. Ние би биле целосно изгубени доколку Бог одлучел да не ни се објави. Но Бог сака да Го знаеме и затоа ни има кажано во Библијата сè што треба да знаеме за Неговиот карактер и како да Му приоѓаме. Затоа вреди да се размисли за веродостојноста на Библијата.

Археолошките откритија повеќе ја потврдуваат, отколку што ја побиваат точноста на Библијата. На пример, едно археолошко откритие во Северен Израел во август 1993 год., го потврди постоењето на царот Давид, авторот на многу Псалми во Библијата.10 Свитоците од Мртвото Море и разни други археолошки откритија продолжуваат да ја подржуваат историската точност на Библијата.

Библијата е напишана во период од 1500 години, од 40 различни автори, на различни места и континенти, на три различни јазика, покривајќи различни теми во различни моменти во историјата.11 Сепак, и покрај сето тоа, нејзината порака ни најмалку не е нарушена. Низ целата Библија се повторува истата порака:

  1. Бог го создал светот во кој живееме и нè создал нас за да имаме врска со Него.
  2. Тој длабоко нè љуби.
  3. Ние згрешивме против Бог и сме под Негова осуда, и ни треба Неговата прошка.
  4. Бог обезбеди начин како нашите гревови да бидат простени.
  5. Тој нè повикува да ја примиме Неговата прошка и да започнеме врска со Него која ќе трае вечно.

Библијата ни го открива Божјиот карактер на конкретни начини. Псалм 145 е типичен пример во кој се опишани Божјиот карактер, мисли и чувства кон нас. Ако сакаш да Го запознаеш Бог, Тој е тука.

6. Дали Бог постои? Ниту едно друго Божјо откровение не Го отсликува Бог толку јасно, како што тоа го прави Исус Христос.

Зошто Исус? Погледни ги останатите главни светски религии и ќе откриеш дека Буда, Мухамед, Конфучие и Мојсеј се нарекувале себеси учители или пророци.

Ниту еден од нив никогаш не тврдел дека е Бог. Исус тврдеше дека е Бог. Токму тоа Го одвојува Исус од останатите. Тој рече дека Бог постои и дека гледаш во Него. Иако Тој ги рече тие зборови за Неговиот Татко на небесата, не го рече да изгледа како да е одвоен од Таткото, туку дека Тој го има тоа блиско единство со Него. Исус рече дека секој што Го видел Него Го видел и Таткото, и секој што поверувал во Него, поверувал и во Таткото.

Тој рече: „Јас Сум светлината на светот. Кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот.“12 Тој си припишуваше такви атрибути што му припаѓаат само на Бог: да им ги проштева гревовите на луѓето, да ги ослободува од навиките на гревот, да им дава изобилен живот и вечен живот на небесата. За разлика од другите учители кои ги тераат своите слушатели да ги слушаат нивните зборови, Исус ги упатуваше луѓето кон Себеси. Тој не велеше: „Следете ги Моите зборови и ќе ја откриете вистината“, туку рече: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку Мене.“13

Каков доказ приложи Исус за да потврди дека е божествен? Тој го правеше тоа што луѓето не можеа. Исус правеше чуда. Тој исцелуваше луѓе... слепи, сакати, глувонеми, па дури и воскресна двајца мртви. Тој имаше моќ над разни работи... создаде храна од воздух, доволно да нахрани неколку илјади луѓе. Тој извршуваше чуда над природата... одеше на површината на едно езеро, и заповеда на една бура да престане. Насекаде каде што Исус одеше, луѓето Го следеа бидејќи Тој постојано ги задоволуваше нивните потреби, правејќи чуда. Тој рече дека ако не веруваат во она што Тој им го вели, тогаш барем да веруваат во Него поради чудата што ги гледаат како ги прави.14

Што ни кажа Исус за Божјиот карактер? А што за Божјите мисли, очекувања и Неговите чувства за човештвото? Исус Христос Го покажа Бог како нежен, полн со љубов, дека е свесен за нашите маани и себичност, но дека сепак тежнее да има длабока врска со нас. Исус ни откри дека иако Бог нè гледа како грешници кои ја заслужуваме Неговата казна во целост, поради Неговата љубов кон нас, Тој смисли поинаков план. Тој одлучи Неговиот Син да ја прими казната за нашиот грев. И Исус своеволно го прифати тој план.

Исус беше измачуван со камшик кој имаше девет бодликави краја. На Неговата глава беше набиена круна од трње, чија големина достигнуваше и до пет сантиметри. Потоа го распнаа на крст забивајќи клинци низ Неговите раце и нозе. Знаејќи ги чудата што Тој ги имаше направено, немаше шанси едни клинци да го задржат на тој крст. Неговата љубов спрема нас е таа што го задржа на крстот. Исус умре наместо нас, за да може да ни биде простено. Од сите религии што му се познати на човекот, само преку Исус ќе видиш како Бог ја подава Својата рака кон човештвото, обезбедувајќи ни начин да имаме врска со Него. Исусовиот пример ни потврдува дека има Божјо срце полно со љубов, кое може да ги задоволи нашите потреби и кое нè приближува кон Него. Заради Исусовата смрт, може да ни биде простено и да бидеме целосно прифатени од Бог и да ја доживееме Неговата љубов во целост. Бог вели: „Те љубам со вечна љубов, затоа ти запазив милост.“15 Ова е Бог на дело.

Најуверливиот доказ дека Исус беше еднаков на Бог е Исусовото најиспитувано чудо - Неговото воскресение од мртвите. Исус рече дека ќе се врати во живот три дена по Неговиот погреб. На третиот ден од Неговото распетие, карпата тешка два тона, што го затвораше влезот во гробот, беше поместена од своето место.16 Доброобучената римска стража виде заслепувачка светлина и ангел. Гробот беше празен, освен ленените повои со кои Исус беше повиен. Разни правни, историски и логички анализи се извршени низ вековите за да се објасни Исусовото воскресение, но сепак, најлогичниот заклучок е дека Исус воскресна од мртвите.

Дали Бог постои? Ако сакаш да знаеш, тогаш испитај го Исус Христос. Речено ни е дека: „Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, тука да има вечен живот.“17

Дали ти сакаш да започнеш врска со Бог и вистински да знаеш дали си прифатен од Него?

Ова е твоја одлука, без никакво присилување од страна. Но ако сакаш Бог да ти прости и да имаш врска со Него, тоа може да го сториш уште сега замолувајќи Го да ти прости и да влезе во твојот живот. Исус рече: „Еве, стојам пред вратата (на твоето срце) и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него (неа).“18 Ако сакаш да го направиш ова, но не си сигурен со кои зборови да се искажеш, еве мала помош: „Исусе, Ти благодарам што умре за моите гревови. Ти го знаеш мојот живот и знаеш дека ми треба Твојата прошка. Те молам прости ми сега и влези во мојот живот. Ти благодарам што сакаш да имаш врска со мене. Амин.“

Од Божја гледна точка, твојата врска со Него е вечна. За сите оние кои што веруваат во Него, Исус рече: „Јас ги познавам и тие одат по Мене. Јас им давам вечен живот и никогаш нема да загинат и никој нема да ги отме од Мојата рака.“19

Значи, дали Бог постои? Разгледувајќи ги сиве овие факти, човек може да заклучи дека постои Бог, Кој е полн со љубов и дека може да се запознае одблизу и лично. Ако имаш дополнителни прашања или сакаш да дознаеш повеќе за тврдењата на Исус дека бил Бог, или за Бог воопшто, прати ни имејл.

 Јас тукушто Го примив Исус во мојот живот (следуваат некои информации што ќе ти бидат од помош)…
 Можеби сакам да Го поканам Исус во мојот живот, (те молам објасни ми како да го направам тоа…)
 Имам прашање…

За авторот: Како поранешен атеист, Мерилин Адамсон (Marilyn Adamson) едноставно не можеше повеќе да ги побива одговорените молитви и квалитетниот живот на нејзината блиска пријателка. Обидувајќи се да внесе и малку сомнеж во верата на нејзината пријателка, Мерилин беше изненадена од мноштвото на објективни докази кои укажуваат на тоа дека Бог постои. По година дена на лично истражување, таа одлучи да ја прифати Божјата понуда да влезе во нејзиниот живот и нејзината вера во Него беше постојано потврдувана и наградувана.

Фусноти: (1) Римјаните 1:19-21. (2) Еремија 29:13-14. (3) Paul E. Little, Know Why You Believe (Victor Books, 1988), стр. 22. (4) R.E.D. Clark, Creation (London: Tyndale Press, 1946), стр. 20. (5) The Wonders of God's Creation, Moody Institute of Science (Chicago, IL). (6) Ибид. (7) Ибид. (8) Ибид. (9) Little, стр. 24. (10) Thomas McCall, «The Stone of the House of David,» The Levitt Letter (Zola Levitt Ministries), септември 1993. (11) Josh McDowell, Evidence That Demands A Verdict (San Bernardino, CA: Here's Life Publishers, 1979), стр. 16. (12) Јован 8:12. (13) Јован 14:6. (14) Јован 14:11. (15) Еремија 31:3. (16) Josh McDowell, More Than A Carpenter (Wheaton, IL: Tyndale House, 1977), стр. 90-91. (17) Јован 3:16. (18) Откровение 3:20. (19) Јован 10:27-29.


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More