×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Запознај го Бог

Зошто Исус умре?

Еве кое е значењето на Исусовата смрт и воскресение, и Неговото распнување…

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Смртта на Исус Христос со распнување беше наменета за најозлогласените криминалци.

Во случајот на Исус, се чини дека сите имаа свој придонес во тоа. Еврејските религиозни водачи, Римската паганска власт и маса на луѓе ја посакуваа неговата смрт.

Зошто?

Сè започна во едно мало село, недалеку од Ерусалим, во Израел. Кога имаше 30 години, Исус почна да ги поучува луѓето за животот и за Бог.

Мноштво народ беше привлечен кон Него. Сè во врска со Исус беше значително поразлично од религиозните водачи во тоа време. Тој ги прифати не само богатите и моќните, туку и проститутките, сиромашните, болните и маргинализираните.

Исус ги повикуваше луѓето да веруваат во него, велејќи им: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот”1.

Зошто луѓето го слушаа Исус? Поради она што го видоа.

„И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето“2. Слепите прогледуваа, сакатите проодуваа, лепрозните беа ослободени од лепрата.

Нахрани гладна толпа од 4000 души, почнувајќи со неколку риби и лебови. И уште еднаш го стори тоа со 5000 души.

За време на една страшна бура на море, Исус застана и им заповеда на ветрот и дождот да престанат, смирувајќи го морето во истиот миг. Луѓето во чамецот се прашуваа: „Кој е Овој, што и ветрот и морето Му се покоруваат?”3

Неколку пати воскресна луѓе од мртвите. Не е ни чудо што народот го следеше Исус и зборот за Него се ширеше насекаде.

Зошто Исус беше распнат?

Додека Исус го поучуваше народот, Тој, исто така, ги критикуваше религиозните власти во тоа време. Тие се перчеа со својата позиција, инсистирајќи на послушност со нивните мачни ритуали, закони и традиции.

Исус им рече: „Туку врзуваат тешки и неподносливи бремиња и ги ставаат врз плеќите на луѓето…“4

А во директен конфликт со нив, им рече: „Лицемери! Добро Исаија пророкуваше за вас, велејќи: ’Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене. Но напразно Ми се поклонуваат, учејќи науки, што се човечки заповеди.’”5

На пример, еден од нивните религиозни закони бараше да не работат во сабота. Не се готви, не се патува, не се носат одредени предмети, итн. Тоа многу повеќе ограничуваше отколку што одмараше.

Исус исцели човек во сабота, кој беше сакат 38 години. Му рече да си ја земе постелката и да оди. Фарисеите кога го видоа му рекоа: „Сабота е, не е дозволено да ја носиш постелката со себе“.

Исус постојано ги исцелуваше луѓето. Тој не престана тоа да го прави во сабота.

Кога Фарисеите го соочија Исус со тоа дека работи (исцелува луѓе) во сабота, Исус им рече: „Кога Мојот Татко работи и Јас работам“.

Кажано ни е: „Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога“6.

Исус јасно ја покажуваше својата божествена природа.

Исус велеше, ако го познаваме Него, го познаваме Бог.7 Ако го гледаме Него, го гледаме Бог.8 Ако веруваме во Него, веруваме во Бог.9 Ако го примаме Него, го примаме Бог.10 Ако го мразиме Него, го мразиме Бог.11 Ако го почитуваме Него, го почитуваме Бог.12

Гледајќи како голема толпа народ го следи Исус, Еврејските фарисеи и садукеи одлучија да се ослободат од Него и повторно да ја воспостават својата власт меѓу народот.

Го фатија Исус и го однесоа кај Првосвештеникот, кој го праша Исус: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?”

А Исус рече: „Јас Сум. И вие ќе Го видите Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како иде со небесните облаци”13. (Ова се однесува на конечниот суд на светот, кој Исус вели дека Тој ќе го донесе).

Првосвештеникот веднаш го обвини за богохулење, бидејќи тврдеше дека е Бог. И сите го осудија дека заслужува смрт.

Бидејќи Еврејските закони не дозволуваа самите да одлучуваат за големи казни, тие го одведоа Исус пред римските пагански власти и бараа тие да го осудат на смрт. (Така, и Евреите и Неевреите учествуваа во Неговата смрт).

Понтиј Пилат, римскиот управител (гувернер) на таа област го имаше последниот збор. Тој веруваше дека Исус треба да се ослободи. Но фарисеите и садукеите го подбуцнуваа народот на масовен гнев и сите бараа Исус да се казни на смрт. Сите извикуваа: „Распни го! Распни го!“ Пилат попушти пред барањата на народот.

Осудата беше: смрт со распнување, римски метод на мачење и усмртување.

Исус знаеше дека ова ќе се случи

Ништо од ова не беше ново за Исус. Многупати, пред распнувањето, Тој им велеше на учениците дека ќе го уапсат, ќе го тепаат и ќе го распнат. Тој, исто така, рече дека три дена откако ќе го закопаат, Тој ќе оживее повторно. Сè што Исус тврдеше за својата божествена природа, физички го докажа, повторно враќајќи се во живот.

Војниците го фатија Исус, направија венец од долги трње и го ставија на главата на Исус како круна за потсмев и го тепаа.

Го камшикуваа со камшици направени од јаже и коски или метални остри краеви. Четириесет удари со камшик најчесто беа доволни да се убие некого.

Ги заковаа неговите раце и нозе на крст, каде висеше и умре бавно, задушувајќи се. Со копје го прободеа меѓу ребрата за да потврдат дека навистина е мртов.

Исусовата смрт на крстот не беше нормална последица на неговите чуда и изјави. Тие немаа милост спрема Него.

Исус веќе покажа дека има целосна власт врз природата, болестите, дури и смртта. Тој исцели многу луѓе, дури и оживеа неколку. Имајќи го предвид ова, Тој можеше да се симне од крстот ако сакаше.

Тоа е исто како некој да ја стави главата под вода и намерно да се удави, иако има власт да ја извади од вода кога и да посака. Исус одбра да умре.

Пред да го уапсат, Исус рече: „Никој не Ми го одзема животот, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак“14. Тој го одлучи ова доброволно. Тоа беше планирано, намерно.

Зошто Исус дозволи да биде распнат?

До одреден степен, ние постапуваме на начин спротивен на Божјиот план. За момент сети се на вестите од кој било ден... расизам, убиства, сексуална злоупотреба, лаги, алчност, корупција, тероризам, војни итн. Како луѓе, ние многу добро знаеме да создадеме хаос од нашите животи и од животите на другите луѓе. Бог нè гледа нас како изгубени, слепи и под Негова осуда поради нашиот начин на живеење.

Сетете се колку се згрозуваме и растажуваме кога ќе слушнеме дека некое 6 годишно девојче било киднапирано и сексуално злоупотребувано. Тоа толку многу го навредува нашиот морален осет, дури и оние кои се спротивставуваат на смртната казна можат да бидат искушани.

Па, сите наши гревови на таков начин го навредуваат светиот Бог. Сите наши гревови го растажуваат. Не можеме да ги исполниме ниту сопствените стандарди, а камоли Неговите. Ако сме доволно искрени, понекогаш се згрозуваме и од самите себе. Па што би помислил еден совршен и свет Бог?

Бог вели дека казната за гревот е смрт.15 Токму затоа, во Стариот Завет читаме како Бог им дава упатства на Израелците, како да жртвуваат јагне, еднаш годишно, за простување на нивните гревови. Јагнето умира наместо нив. Но, тоа претставуваше привремена прошка. Тоа мораа да го прават секоја година.

Кога Исус дојде на земјата, Јован Крстителот ова го кажа за Исус: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот!“16

Исус дојде да ја преземе казната за гревот на човештвото, за нашите гревови, наместо нас. Наместо ние да умреме и засекогаш, вечно да бидеме одвоени од Бог, Исус ја плати казната за нашите гревови на крстот, за ние да добиеме опростување засекогаш и вечен живот.

Токму затоа Исус дојде, како наш Спасител, да нè спаси од Божјиот суд, осуда и од казната за нашите гревови. За секаков грев кој кога било си го сторил, или ќе го сториш, Исус беше свесен додека висеше на крстот. Тој ја зеде казната за нашите гревови, за нас.

Господовата вечера на Да Винчи

Сте ја виделе позната слика на Леонардо Да Винчи „Последната Вечера“, со Исус кој седи на долга маса со своите ученици од двете Негови страни?! Да Винчи ја насликал вечерата што Исус ја имал со своите ученици вечерта пред да биде уапсен и распнат.

На „Последната Вечера“ Исус им рече на учениците дека неговата крв „се пролева за мнозина, за простување на гревовите“17.

Исус, кој никогаш не сторил никаков грев, ја плати казната за нашите гревови на крстот. Тоа не е фер. Ние не заслужуваме Тој да ја преземе нашата казна. Зошто Тој го стори тоа?

Знаеме дека: „Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа, што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници“18.

Нашиот одговор на распнувањето на Исус

Што бара Тој од нас? Да му возвратиме и да го заслужиме тоа опростување? Не. Никогаш нема да бидеме доволно достојни за тоа што Исус го стори за нас. Тоа што Тој го бара од нас е многу едноставно.... да му веруваме. Тој бара од нас да ја прифатиме неговата смрт за нас, да го прифатиме неговото целосно опростување како бесплатен дар.

Многу е чудно што многумина не го сакаат ова. Тие сакаат да се обидат да го заслужат своето спасение. Да го заслужат својот пат до рајот. Со свој труд сакаат да покажат дека се достојни да градат однос со Бог. Исус рече дека таквите ќе умрат во сопствените гревови и ќе се соочат со суд, бидејќи го отфрлаат она што Исус го стори за нив.

Ученикот на Исус, Петар, за Исус го кажа следново: „секој кој верува во Него, ќе добие преку Неговото име опростување на гревовите”19.

Но, не само опростување, туку и вечен живот и близок, личен однос со Бог, токму сега, во овој живот. Сè тоа нам ни е дадено, бидејќи Исус умре на крстот за нас.

Исус не ја зеде врз Себе само казната за нашите гревови. Тој го сруши ѕидот меѓу нас и Бог. Тој нуди многу повеќе од опростување. Нуди помирување, целосно прифаќање, и исполнет однос со Него, за да ја искусиме неговата љубов кон нас.

Тоа е исто како некој богат милионер не само да го избрише долгот што некој му го должи, туку и да му го даде целиот свој имот токму на оној кој не можеше да му го исплати долгот.

Вечниот живот, рајот, се бесплатни дарови: „зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е - вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ“20.

Исус дојде на Земјата да умре за нас, да обезбеди начин за лично да го познаваме. Наша одлука е дали ќе го прифатиме дарот да го градиме односот што Тој ни го нуди.

Исус ова накратко го објасни вака: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене“21.

Неговата понуда за нас

Секој кој ќе го покани Исус во својот живот и ќе го прифати неговиот бесплатен дар на опростување и вечен живот, почнува да гради вечен однос со Него.

По Неговото распнување, тие го закопаа Исус во гробница и поставија обучен римски стражар до неговиот гроб. Зошто? Исус постојано велеше дека три дена по неговото погребување, Тој ќе воскресне од мртвите. Тоа ќе биде доказ за сè што Тој го кажа за Себе.

Три дена подоцна, гробницата беше празна. Исус потоа физички им се појави на учениците и уште на 500-тина души. Секој од Исусовите ученици одеше ширум светот, објавувајќи го Исусовото воскресение. Секој од нив беше убиен поради тоа, далеку едни од други, но сите убедени во идентитетот на Исус.

Наша одлука е дали ќе го прифатиме опростувањето што Тој ни го нуди, со тоа што ќе се приближиме кон Него, ќе побараме да ни прости и да влезе во нашиот живот.

Јован добро ова го објаснува во Библијата: „И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него. Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден“22.

Исус јасно вели: „Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот“23.

Исус вака се молеше непосредно пред Неговата смрт: „Праведен Татко, светот не Те запозна, а Јас Те запознав, и овие познаа дека Ти си Ме пратил. Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме возљуби, да биде во нив, и Јас во нив”24.

Би сакал да го поканиш Исус во твојот живот токму сега? Еве како можеш да го сториш тоа.

„Исусе, те молам дојди во мојот живот. Опрости ги моите гревови. Ти благодарам што умре на крстот за мене. Води го мојот живот како што Ти сакаш. Ти благодарам што дојде во мојот живот токму сега и што ми дозволи да почнам да градам однос со тебе. Амин“.

Ако го покани Исус во твојот живот, неговото распнување за тебе значи, дека си го прифатил неговиот дар, простено ти е и имаш вечен однос со него. Погледни ги линковите подолу за тоа како можеш да го градиш твојот нов однос со Бог.

 Јас тукушто Го примив Исус во мојот живот (следуваат некои информации што ќе ти бидат од помош)…
 Можеби сакам да Го поканам Исус во мојот живот, (те молам објасни ми како да го направам тоа…)
 Имам прашање…

Фусноти: (1) Јован 8:12 (2) Матеј 9:35 (3) Марко 4:41 (4) Матеј 23:4 (5) Матеј 15:9 (6) Јован 5:18 (7) Јован 8:19 (8) Јован 12:45; 14:9 (9) Јован 12:44; 14:1 (10) Марко 9:37 (11) Јован 15:23 (12) Јован 5:23 (13) Марко 14:61,62 (14) Јован 10:18 (15) Римјаните 6:23 (16) Јован 1:29 (17) Матеј 26:28 (18) Римјаните 5:8 (19) Дела 10:43 (20) Римјаните 6:23 (21) Јован 14:6 (22) 1 Јован 4:16,17 (23) Јован 5:24 (24) Јован 17:25, 26


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More