Од Мерилин Адамсон (Marilyn Adamson)
Сите ние сакаме да успееме во животот, да се чувствуваме успешно дека сме го сториле тоа што требало во животот. А ако има луѓе што знаат како да извлечат задоволство од животот и да го пронајдат неговото значење, тогаш вреди да се испита. На пример, главните религии во светот. Дали тие можат да му дадат стабилност и значење на животот?
Ова што следи е можност да се разгледаат главните религиозни системи на вера: хиндуизмот, New Age движењето, будизмот, исламот и христијантсвото.* Значи се опишува секој систем накратко, нивните главни карактеристики по кои се разликуваат од останатите и придобивките за човекот од нив. Потоа авторот покажува како учењата на Исус се разликуваат од светските религии.
* Секој од овие главни системи има свои секти со малку поинакви верувања. Описот што ние го даваме се фокусира на суштината на секој систем. Можеби требаше да го вклучиме и јудаизмот, но за да бидеме пократки, ги избравме овие.
Повеќето хиндуисти обожаваат едно Битие во кого сè е соединето во единство (Браман), но е претставено преку бесконечен број на богови и божици. Сите овие различни манифестации на богови и божици се олицетворени во идоли, храмови, гуруа, реки, животни итн.
Хиндуистите веруваат дека нивниот сегашен живот е резултат на нивните дела од претходниот живот. Ако во претходниот живот биле лоши, тогаш во сегашниот ќе доживеат многу проблеми и тешкотии. Целта на еден хинду е да се ослободи од законот на кармата... да се ослободи од тој, навидум бесконечен циклус на реинкарнации.
Постојат три можни начини за прекинување на циклусот на кармата: 1. Да бидеш целосно посветен на и да љубиш кој било од хинду боговите или божиците; 2. Да растеш во знаењето и мудроста преку медитирање за Браман (единство)... да сфатиш дека околностите во животот не се реални, дека себичноста е илузија и дека само Браман е реален; 3. Да бидеш посветен на различни религиозни церемонии и ритуали.
Во хиндуизмот човекот има слобода сам да избере како да напредува кон тоа духовно совршенство. Хиндуизмот нуди одредено објаснување за страдањето и злото во светот. Според хиндуизмот, страдањето што некој го доживува, било да се работи за болест, глад или несреќа, се должи на злите дела на тој човек од минатиот живот. Важна е само душата која еден ден ќе се ослободи од тој циклус на реинкарнаци и ќе може да се одмори.
New Age-от го промовира развојот на човековата лична моќ, односно божественост. Кога зборува за Бог, следбеникот на New Age движењето не зборува за трансцедентен, личен Бог Кој ја создал вселената, туку за повисока свест во нив самите (свесност на повисоко ниво). Таквиот човек се гледа себеси како Бог, како вселената. Всушност, сè што тој човек гледа, слуша, чувствува или замислува се смета за божествено.
Како движење кое е доста општо и сеопфатно, New Age-от се претставува себеси како збир од древни духовни традиции. И овде, како и во хиндуизмот се признаваат многу богови и божици. Земјата се смета за изворот на сета духовност и поседува своја интелигенција, чувства и божественост. Но најважното од сè е личното „Јас“. Од тоа „Јас“ произлегува сè, тоа ги контролира сите работи и е Бог над сè. Не постои никаква друга реалност за таа личност од онаа што таа самата си ја одредува.
New Age-от поучува широка лепеза на источен мистицизам и спиритуализам, потоа разни метафизички и психолошки техники, како вежби за дишење, пеење, ритам, медитирање... сè со цел да се развие друга, поинаква свест и лична божественост.
Сите негативни искуства што таа личност ги доживува (неуспесите, тагата, гневот, себичноста) се сметаат за илузија. Следбениците веруваат дека ја имаат целата контрола врз нивниот живот, дека ништо во нивниот живот не е погрешно, негативно или болно. Со тек на време човек може да ја развие духовноста до тој степен што за него повеќе нема да постои надворешната реалност, бидејќи таков човек, што ќе стане бог, си ја создава сам својата реалност.
Будистите не обожаваат некаков Бог или богови. Луѓето што не се запознаени со будизмот мислат дека будистите го обожаваат Буда. Но Буда (Сидарта Гаутама) никогаш не тврдел дека е божествен, туку напротив, будистите го гледаат него како човек што го достигнал она што тие се обидуваат да го достигнат, а тоа е духовно просветлување, а со тоа и ослободување од непрекинливиот циклус на животот и смртта. Повеќето будисти веруваат дека секој човек има безброј нановораѓања, кои неизбежно со себе го носат и страдањето. Будистот се стреми да го прекине циклусот на нановораѓања. Тие веруваат дека личните желби, омразата и илузиите ги предизвикуваат тие нановораѓања. Затоа, целта на будистот е да го очисти своето срце и да се ослободи од сите тежненија кон сензуалните задоволства и приврзаноста кон себеси.
Будистите се придржуваат до еден список на религиозни принципи и многу посветена медитација. Кога будистот медитира, тоа не е исто како молењето на некој бог, туку тоа е повеќе како само - дисциплина. Преку извежбана медитација човек може да доживее Нирвана, односно „гаснење“ на пламенот на желбата.
Будизмот обезбедува некои работи кои се карактеристични за повеќето светски религии: послушност, вредности и директиви по кои човек би можел да се води.
Муслиманите веруваат дека постои еден Сèмоќен Бог, Алах, кој е бескрајно супериорен и величествен во однос на човекот. Алах е создателот на вселената и изворот на сето добро и зло. Сè што се случува е според волјата на Алах. Тој е моќен и строг судија, кој ќе покаже милост кон своите следбеници во зависност од тоа дали во нивниот живот преовладуваат добрите дела и дали се посветени на Алах. Врската што еден муслиман може да ја има со Алах е да биде негов слуга.
Иако муслиманите почитуваат неколку пророци, тие го сметаат Мухамед за последниот пророк, па затоа неговото учење и стил на живеење се смета за авторитет во нивниот живот. За да се биде муслиман, човек треба да се придржува до следниве религиозни обврски: 1. Да ја повторува изјавата на вера за Алах и Мухамед; 2. Да рецитира неколку молитви на арапски пет пати дневно; 3. Да дава на оние кои се во потреба; 4. Еден месец секоја година да пости од храна, пиење, секс и пушење од изгрејсонце до зајдисонце; 5. Еднаш во животот да отиде на аџилак во храмот во Мека. Во зависност од тоа како се придржувале до овие правила, муслиманите се надеваат дека ќе влезат или во рајот, кое според нив е место на сензуални задоволства, или ќе бидат вечно казнети во пеколот.
За многу луѓе, исламот се поклопува со нивните очекувања за религија и божество. Исламот поучува дека има еден Бог, кој се обожава со правење на добри дела и дисциплинирани религиозни ритуали. По смртта човекот се наградува или казнува зависно од неговата религиозна посветеност.
Христијаните веруваат во Бог Кој љуби, Кој се има откриено Себеси и Кого човек може лично да Го запознае во овој живот. Со Исус Христос, фокусот на човекот не се религиозните ритуали или извршувањето на добри дела, туку уживање во врската со Бог и растеж во познавањето на Него.
Самата вера во Исус Христос, не само во Неговите учења е начинот преку кој христијанинот ја доживува радоста и значењето на животот. Додека беше на земјата, Исус не се нарече Себеси Божји пророк или учител што ќе донесе просветлување. Туку Тој тврдеше дека е Бог во човечко тело. Тој правеше чуда, им го проштаваше гревот на луѓето и рече дека секој што ќе верува во Него ќе има вечен живот. Тој даваше изјави како: „Јас Сум светлината на светот. Кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот.“1
Христијаните ја сметаат Библијата за Божја напишана порака до луѓето. Освен што Библијата е историски запис за животот на Исус и Неговите чуда, таа го открива Божјиот карактер, Неговата љубов и вистина и како човек може да има врска со Него.
Со какви било работи да се справува христијанинот во својот живот, тој секогаш може со сигурност да Му се обрати на Сèмоќниот Бог, Кој искрено го љуби човекот. Тој верува дека Бог одговара на молитвите и дека животот добива смисла како што живее за да Го слави и обожава Него.
Разгледувајќи ги овие главни вери и нивните гледишта за Бог гледаме огромна разлика:
Дали сите религии го обожаваат истиот Бог? Ајде да го разгледаме и ова. New Age поучува дека секој треба да дојде до центарот на космичката свест, но тогаш Исламот треба да се откаже од својот еден Бог, Хиндуизмот ќе треба да се откаже од своето мноштво на божества, а Будизмот ќе треба да утврди дека постои Бог.
Главните светски религии (Хиндуизам, New Age, Будизам, Ислам и следењето на Исус Христос) се доста уникатни. Но само една од нив вели дека постои Бог Кој љуби, Кого човек може да Го запознае дури и во овој живот. Исус Христос зборуваше за Бог Кој сака врска со нас и Кој нè утешува, советува и љуби.
Во Хиндузмот човек мора сам да се обиде да се ослободи од својата карма. Во New Age човекот работи на својата лична божественост. А во исламот, човек се обидува да ги следи религиозните закони за да наследи рај по смртта. Само во учењето на Исус гледаме лична врска со Бог, врска што се пренесува и во наредниот живот.
Одговорот е да. Не само што можеш да се поврзеш со Бог, туку исто така може да знаеш дека си целосно прифатен и љубен од Бог.
Многу светски религии го оставаат човекот сам да се бори и стреми кон духовно совршенство. Буда никогаш не тврдел дека е безгрешен. И Мухамед признал дека му треба прошка. „Колку и да биле или да се мудри, надарени и влијателни другите пророци, гуруа и учители, сите тие знаеле или знаат дека се несовршени, исто како што сме и ние.“2
Но Исус Христос никогаш не исповедал или признал личен грев. Наместо тоа, Христос им го проштаваше гревот на луѓето и сака да го прости и нашиот грев. Сите ние сме свесни за нашите недостатоци и грешки и оние области од нашите животи за кои не би сакале другите да дознаат, туку посакуваме толку силно да ги нема... како на пример зависност, омраза, морална нечистота, гнев итн. Бог нè љуби, но го мрази гревот и рече дека последицата од гревот е одвоеност од Бог и неможност да се запознае Бог лично. Затоа Бог обезбеди начин како да ни биде простено за да може да Го запознаеме и знаеме Него. Исус Христос, Божјиот Син, Бог во човечко тело, го превзеде на Себе сиот наш грев, пострада на крстот и доброволно умре на наше место. Библијата вели: „Љубовта ја познаваме по тоа што Тој го положи својот живот за нас.“3
Бог ни нуди целосна прошка поради Исусовата смрт наместо нас. Ова значи прошка за сите наши гревови... минати, сегашни и идни гревови. Исус веќе плати за сите нив. Бог, Кој ја создаде вселената, нè љуби и сака да има врска со нас. „Божјата љубов спрема нас се покажа со тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.“4
Преку Христос, Бог ни нуди вистинска слобода од нашиот грев и од вината. Тој не го остава човекот да ги носи своите неуспеси на своите рамења со замаглена надеж дека можеби утре ќе биде подобар човек. Во Исус Христос, Бог посегнува со Својата рака кон човештвото, обезбедувајќи начин да Го знаеме. „Зашто Бог толку го засака светот, што Го испрати Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“5
Бог нè создал за да имаме врска со Него. Исус рече: „Кој доаѓа кај Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни... а оној кој доаѓа кај Мене нема да го истерам.“6 Исус ги повика луѓето не само да ги следат Неговите учења, туку да Го следат Него. Тој рече: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот.“7 Со тоа што тврдеше дека Тој е вистината, Исус отиде подалеку од сите останати пророци и учители кои секогаш велеле дека само ја зборуваат вистината.8
Исус се поистовети со Бог и даде доказ за тоа. Исус рече дека ќе биде распнат и дека на третиот ден ќе воскресне. Тој не рече дека ќе се реинкарнира еден ден во иднината (Кој и би знаел, доколку Тој би го сторил тоа?). Тој рече дека три дена по Неговиот погреб ќе им се појави на оние што го видоа Неговото распнување. На третиот ден Исусовиот гроб беше празен, а многу луѓе посведочија дека Го виделе повторно жив. Сега Тој ни нуди вечен живот.
Многу религии се фокусираат на личниот труд на човекот. Со Исус Христос тоа е двострана интеракција меѓе тебе и Бог. Тој сака да Му пријдеме. „Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено.“9
Ти можеш да комуницираш со Бог, Кој ќе одговори на твоите молитви, ќе ти даде внатрешен мир и радост, ќе те упати на вистинскиот пат, ќе ти ја покаже Неговата љубов и ќе го преобрази твојот живот. Исус рече: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.“10 Тоа не значи дека животот ќе ти стане совршен и дека ќе се ослободиш од сите проблеми. Туку значи дека во текот на својот живот, секогаш ќе можеш да се поврзеш со Бог Кој сака да биде вклучен во твојот живот и да биде верен во Неговата љубов кон тебе.Ова не е посветеност кон некој метод за самоподобрување, како што многумина се обидуваат да го направат тоа преку медитација, правење добри дела, придржување до десетте заповеди итн. На почетокот изгледаат како јасни, добро дефинирани и лесни начини за постигнување духовност. Но со тек на време стануваат товар кој секогаш се стреми кон совршенство, но никогаш не го постигнува, а Бог и понатаму е далеку. Нашата надеж не е во придржувањето до некои закони или стандарди, туку во познавањето на Спасителот Кој целосно нè прифаќа поради нашата вера во Него и Неговата жртва за нас. Ние не може да го заслужиме или заработиме своето место на небото преку религиозни ритуали или добри дела. Небото, или рајот, е бесплатен дар кој ни се нуди и го добиваме кога ја започнуваме врската со Исус Христос.
Дали сакаш да ти биде целосно простено за сите твои гревови и лично да ја спознаеш Божјата љубов за тебе?
Може да ја започнеш врската со Бог уште сега. Тоа е едноставно и сè што треба да направиш е да Го замолиш Бог да ти го прости гревот и да Го поканиш да влезе во твојот живот. Исус вели: „Еве, стојам пред вратата (од твоето срце) и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај Него.“11 Дали би сакал да започнеш врска со Бог Кој те создал и Кој длабоко те љуби? Тоа може да го сториш и во овој момент ако тоа е желба на твоето срце: „Боже, Те молам прости ми и Те поканувам да влезеш во моето срце веднаш. Ти благодарам Исусе што умре за моите гревови. Ти благодарам што дојде во мојот живот како што Ти вети.“
Библијата вели: „А на сите што Го примија, им даде право да станат Божји деца - на оние кои веруваат во Неговото име.“12 Ако искрено го покани Бог во твојот живот, веќе си ја започнал личната врска со Него. Тоа е како самошто да си Го запознал Бог и Тој сака да ти помогне да растеш во познавањето на Него, на Неговата љубов за тебе и да ти дава мудрост кога ќе треба да одлучуваш. Добро место од каде може да научиш за твојата врска со Бог е Евангелието по Јован во Библијата. Можеби и ќе сакаш да му кажеш некому за одлуката што си ја донел да Го поканиш Исус во твојот живот.
Во сите останати светски религии, човек може да има врска само со разни учења, идеи, ритуали итн. Преку Исус, човек може да има врска со Сèмоќниот Бог Кој е полн со љубов. Може да зборуваш со Него и Тој ќе те води во твојот живот сега. Тој не упатува кон филозофија или религија. Тој те поканува да Го запознаеш, да доживееш радост и да имаш доверба во Неговата љубов кога ќе се соочиш со разни животни предизвици. „Гледајте каква љубов ни дарувал Таткото: да се нарекуваме Божји деца.“13
Фусноти: (1) Јован 8:12 (2) Erwin W. Lutzer, Christ Among Other Gods (Chicago: Moody Press, 1994), стр. 63 (3) 1 Јован 3:16 (4) 1 Јован 4:9 (5) Јован 3:16 (6) Јован 6:35, 37 (7) Јован 14:6 (8) Lutzer, стр. 106 (9) Псалми 145:18 (10) Јован 10:10 (11) Откровение 3:20 (12) Јован 1:12 (13) 1 Јован 3:1