Дома >> Христос? >> Кој - 2 дел

Кој - 2 дел

Овој текст се надоврзува на Кој.

Ова е последниот текст од серијата која започна со Дали отсекогаш постоело ништо?, проследено со Нешто и потоа Кој. Главните поенти во тие текстови се:

(1) Никогаш не постоело Апсолутно Ништо. Доколку некогаш постоело, тогаш и денес ќе имавме Апсолутно Ништо. Но Нешто постои, како ти на пример.

(2) Бидејќи Апсолутно Ништо никогаш не постоело, значи дека имало (има) нешто што отсекогаш постоело. Одлучивме ова нешто да го наречеме Вечното Нешто. Вечното Нешто нема почеток, ниту крај, нема потреби што не може само да си ги задоволи, може да направи сè што сака и ќе намисли и секогаш ќе биде супериорно во однос на сè што ќе создаде.

(3) Вечното Нешто не е машина, контролирана или програмирана од некоја надворешна сила. Исто така, Вечното Нешто нема да создаде нешто друго затоа што би имало потреба од тоа, бидејќи Тоа е самодоволно. Оттука, ако Вечното Нешто создаде нешто друго, тогаш Тоа мора да одлучи така. Тоа значи дека Вечното Нешто има волја, а тоа пак, од своја страна, доведува до заклучок дека Тоа има личност и карактер. Затоа Вечното Нешто мора да биде Вечен Некој.


Продолжуваме понатаму. Што може дополнително да заклучиме за Вечниот Некој од она што веќе го рековме досега? (Од сега па натаму ќе мора да преминеме од „Тоа“ на „Тој“ или „Таа“, бидејќи Вечното Нешто е Вечен Некој. Одлучивме да биде „Тој“, но полот не е темата на оваа расправа.)

Бидејќи Вечниот Некој нема потреби што Самиот не може да си ги задоволи, Тој може да постои без да има потреба од некаква средина или простор околу Него, бидејќи постоел пред да постои било што друго. За да има средина треба да биде создадена. Но Тој е сè што постои и ништо друго.

Затоа доста е веројатно дека Вечниот Некој е трансцедентен (надвор од рамките на просторно-временската реалност бидејќи Тој е создателот на просторот и времето). Тоа значи дека Тој може да постои надвор од ограничувањата на времето и просторот, бидејќи не е ограничен од нив. Тој постоел отсекогаш, така што е надвор од рамките на времето. И бидејќи нема потреба од некаква околина, Тој е надвор и од рамките на просторот.

Бидејќи е трансцедентен во однос на времето и просторот, можно е Вечниот Некој да е она што ние го нарекуваме невидливо. Само тоа што зафаќа простор е видливо. Ако нешто е надвор од рамките на просторот, тогаш не може да се види, нели? Оттука и Вечниот Некој мора да е невидлив и може да постои без да има потреба од некаков облик или форма.

За да продолжиме со дискусијата, да речеме дека Вечниот Некој одлучил да создаде Нешто Друго, или подобро кажано Некој Друг. Вечниот Некој одлучува да создаде Некој Друг кој би бил сличен на Него во одредени работи. Како Вечниот Некој и Некој Друг би имал свест, што е неопходен елемент на волјата. Значи Некој Друг е битие и има волја.


Што може да заклучиме за Некој Друг? Дали тој би бил надвор од рамките на времето? Не, бидејќи не постоел отсекогаш, туку си има свој почеток, што го прави да биде врзан за времето.

Нели и во претходните текстови рековме дека сè што Вечниот Некој би создал би било инфериорно во однос на времето и просторот. Тоа никако не може да се измени. Дури и кога Некој Друг би постоел вечно во иднината, сепак би имал свој почеток. Всушност неговата временска линија би била во рамките на (бесконечната) временска линија на Вечниот Некој.

А дали Некој Друг би бил ограничен и во однос на просторот? Да. Само Вечниот Некој може да постои без никаква средина и простор. На Некој Друг му е потребна некаква средина за да може да постои, но каква? Обиди се да мислиш на просторот исто како и за времето. Рековме дека Некој Друг постои во рамките на временската линија на Вечниот Некој. Слично, Некој Друг ќе постои и во рамките на „просторната линија“ на Вечниот Некој.

Вечниот Некој е трансцедентен и во однос на просторот. Исто како што Тој е насекаде во времето, така може да биде и насекаде во просторот. Така, кога Некој Друг ќе биде создаден, тој ќе постои во рамките на времето и просторот одредени од Вечниот Некој.

И така сега ги имаме Вечниот Некој и Некој Друг. Но постои еден проблем. Некој Друг не може да го види Вечниот Некој, бидејќи Тој е трансцедентен во однос на просторот. Тој не завзема дел од просторот.

Значи Некој Друг не може да го забележи Вечниот Некој. Тогаш што треба Вечниот Некој да направи ако сака Некој Друг да го примети? Тој мора да излезе од својата трансцедентност барем со еден свој дел. Потребен е некаков вид на нетрансцедентност. Дали е тоа можно?


Не заборавај дека сè што може да се направи, може да го направи само Вечниот Некој. Значи за Него би било можно да се направи Себеси забележлив за Некој Друг, односно да стане „нетрансцедентен“. Како?

Ние го забележуваме присуството на што било во светот преку видот, мирисот, допирот, вкусот и слухот. Ако Вечниот Некој му ја дал способноста на Некој Друг да гледа и слуша, тогаш Тој би можел (1) да се појави во видлив облик, (2) да му зборува на Некој Друг или (3) да ги направи двете работи истовремено. Овие би биле начини на кој Вечниот Некој би излегол од трансцедентноста за Некој Друг да го примети.

Не заборавај деја Некој Друг е создаден. Затоа тој е ограничен и од времето и од просторот. Каква и да е неговата природа и облик, тој секогаш ќе биде забележан во времето и просторот. Затоа, сè што Вечниот Некој треба да направи е да ја стави на себе формата што му ја дал на Некој Друг. Тоа е еден начин да се направи Себеси забележлив.

Но се поставува едно прашање: ако Вечниот Некој излегува од трансцедентноста со цел да биде забележан, дали тоа го претставува целото негово битие? Односно, дали Тој би се претставил со целото свое битие кога би излегол од (или би ја напуштил) трансцедентноста? Не! Има многу нешта во врска со Него што Тој не ги објавил, ниту прикажал. Иако Тој би можел да открие многу работи за Себеси, сепак целото Негово битие, т.е. Самиот Тој во својата трансцедентност, не би можел да биде целосно разбран од Некој Друг.


Интересно е што ова сценарио е токму она што го гледаме во Библијата. Ние сме како Некој Друг. Ограничени сме од времето и просторот. Но Бог е Вечниот Некој. И Тој се прикажал или објавил Себеси во личноста на Исус Христос. За повеќе информации, разгледај ги следниве работи:

Бог е Вечниот Некој. Тој отсекогаш постоел и ќе постои.

Пред да се родат планините, пред да суштествуваат копното и земскиот круг, од век до век, Боже, Ти си! (Псалми 90:2)

Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, не постанува, и Неговиот ум е неизмерлив. (Исаија 40:28)

Вака зборува Господ над Воинствата: „Јас Сум првиот и Јас Сум последниот: нема Бог освен Мене.“ (Исаија 44:6)

А Господ е вистински Бог, Тој е жив Бог и вечен Цар. (Еремија 10:10)

Исус им рече: „Вистина, вистина, ви велам: Јас Сум уште од пред Авраамовото доаѓање.“ (Јован 8:58)

Исус Христос е истиот вчера, денес и во вечни векови. (Евреите 13:8)

„Јас Сум Алфа и Омега“, вели Господ Бог, „Кој е, Кој беше и Кој доаѓа - Сèмоќниот“. (Откровение 1:8)

Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Завршокот. (Откровение 22:13)

Бог е невидлив.

Бог никој никогаш не Го видел; Единородниот Бог - Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави. (Јован 1:18)

Бог е Дух. (Јован 4:24)

На Царот кој е вечен, бесмртен, невидлив, на единствениот Бог - чест и слава во сите векови. (1 Тимотеј 1:17)

Благословениот и единствениот Владетел, Царот на царевите и Господар на господарите; Кој единствено има бесмртност и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. (1 Тимотеј 6:15-16)

Бог може да биде насекаде, но сепак е различен од нас.

Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице? Ако се вознесам на небото: таму си, ако легнам во подземјето: и таму си. (Псалми 139:7)

Богот, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни светилишта ниту прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто; зашто Тој, Самиот, им дава на сите живот, здив и сè. И Тој од еден ги создаде сите народи за да се населат по целата земја, откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, за да Го бараат Бог, та нема ли некако да Го напипаат и најдат, бидејќи Тој не е далеку од ниеден од нас. (Дела 17:24-27)

Сè што може да се направи, Бог може да го направи.

Има ли нешто невозможно за Бога? (Битие 18:14)

Нашиот Бог е на небесата, прави сè што ќе Му се допадне. (Псалми 115:3)

Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не збиднало! Јас велам: „Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сè што Ми е по волја.“ (Исаија 46:10)

За Бог сè е возможно. (Матеј 19:26)

Зашто, за Бог, ништо не е невозможно. (Лука 1:37)

Можно е Бог да „излезе“ од трансцедентноста, односно да ни се објави и открие во човечка форма.

Во почетокот беше Словото, и Словото беше со Бог, и Словото беше Бог.
И Словото стана тело кое се всели меѓу нас.
(Јован 1:1, 1:14)

Она што беше од почетокот, што го чувме, што го видовме со своите очи, што го гледавме и што го опипаа нашите раце, за Словото на животот - тој живот се јави, а ние Го видовме и сведочиме и ви го објавуваме вечниот живот, Кој беше со Таткото и ни се јави нам. (1 Јован 1:1-2)

Тој (Исус Христос) е лик на невидливиот Бог, Првороден на сето создание, зашто преку Него е создадено сè што е на небесата и на земјата; видливо и невидливо, престоли, господства, началства или власти - сè е создадено преку Него и за Него. (Колошаните 1:15-16)

Тој (Исус Христос) е одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие. (Евреите 1:3)

Имајте такви мисли во себе, какви што ги имаше и Исус Христос: Кој, иако беше во ликот Божји, не го сметаше како нешто приграбено - тоа што е еднаков со Бог, туку се лиши Самиот Себеси, земајќи лик на слуга, станувајќи сличен на луѓето. И откако стана сличен на човек, Тој се понизи Самиот Себеси и стана послушен до смрт, дури до смрт на крст. (Филипјаните 2:5-8)

Кога Бог „излегува“ од трансцедентноста, односно кога ни се објавува, тоа не го претставува Неговото целосно битие, но сепак е Бог.

Таткото е поголем од Мене. (Јован 14:28)

Јас и Мојот Татко сме едно. (Јован 10:30)

Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото. (Јован 14:9)


  • Прати ја страната на пријател
  • Како да започнеш лична врска со Бог?


  •  
    Ресурси
    Имаш прашање?
    Имаш прашање?
    Пиши ни.